Mahmut Geldi,Mustafa Deveci
05 Јули 2018•Ажурирај: 06 Јули 2018
РАМАЛА (АА) - МАХМУТ ГЕЛДИ/МУСТАФА ДЕВЕЏИ
Властите на Израел подготвуваат рушење на населбите во регионот Хан ал Ахмар кој го населуваат палестинските бедуини, а целта на проектот е да се одвои окупираниот Источен Ерусалим од останатите палестински региони и да се спојат илегалните изградени еврејски населби кои се простираат од Тел Авив до Јерихон, јавува Anadolu Agency (AA).
Израел веќе со години спроведува план на заземање на Западниот брег. Тоа може да се согледа во континуираниот прогон на Палестинците и изградбата на илегалните населби за еврејските доселеници на таа територија.

Изградбата на еврејските населби илегално е започната непосредно по Шестдневната војна во 1967 година кога Израел го окупираше Западниот брег.
Моментално на Западниот брег постојат околу 250 илегални еврејски населби во кои живеат речиси 400.000 доселеници.
Властите на Израел сега се фокусирани на планот на изградбата на илегалните еврејски населби во палестинскиот регион Хан ал Ахмар.
Станува збор за населба со 190 жители и стратешки важно подрачје кое го населува палестинската бедуинска заедница која израелските сили во 1953 година ја протераа од пустинскиот регион Негев.
Исто така тоа подрачје лежи на појасот од Источен Ерусалим до Мртвото море на кое Израел планира прогон на палестинските елементи и изградба на доселеничката населба на површина од 12.000 декари, во рамките на проектот наречен E1.
Проектот за изградба на еврејската населба на подрачјето Хан ал Ахмар израелските власти го одобрија уште во 1999 година, но поради големиот притисок на меѓународната заедница не го имплементираа.
Со реализацијата на тој проект, Израел копнено во голема мерка ќе го одвои Источен Ерусалим од остатокот на палестинската територија, а воедно ќе спои и три големи илегални населби на еврејските доселеници на Западниот брег Мале Адумим, Мишор Адумим, и Кфар Адумим.
Израелскиот суд за правда во мај нареди рушење на училиште во Хан ал Ахмар во кое настава следеа 170 ученици од тој и соседните палестински региони.
Неодамна и израелската војска тој регион го прогласи за воена зона и индиректно најави скоро рушење на палестинските куќи.
Портпаролката на Комесаријатот на ОН за човекови права, Лиз Тросел, во вторник во Женева изјави дека е длабоко загрижена поради израелските подготовки за рушење на Хан ал Ахмар кого го населува бедуинската заедница.
Вчера и Европската унија ги повика властите на Израел да се откажат од тој проект.
И покрај сите критики, израелската полиција и булдожерите вчера пристигнаа во Хан ал Ахмар да ги рушат бедуинските објекти, но наидоа на отпор од локалното население и Палестинците од соседните региони.
Најмалку четворица палестински демонстранти се ранети, а 31 се претепани во турканицата со израелската полиција.
Во наредните денови се очекува Израел да испрати значително посилни сили и да ја сруши таа палестинска населба.
Палестинските граѓани започнаа деноноќно да дежураат околу населбата за да спречат влез на израелските булдожери во населбата.
Портпаролот на Советот за борба против изградба на ѕидот на раздвојување на еврејските населби, Абдула Абу Тахме, изјави дека е јасно дека Израел одлучил да ги протера Палестинците и да ги урне нивните имоти во Хан ал Ахмар.
Тој ги повика Палестинците да се придружат на стражите во Хан ал Ахмар и да ги поддржат граѓаните во борба за нивната земја.
Во Хан ал Ахмар допатува и претседателот на Советот за борба против изградба на ѕидот на разводјување и еврејските населби Велид Асаф кој предупреди дека Израел планира да сруши 46 палестински населби за да го расцепка Западниот брег и од него да го одвои Ерусалим.
„Ќе продолжиме да го чуваме Хан ал Ахмар. Израел прави големи злосторства со рушење на населбите и прогонот на Палестинците. Ја злоупотребува американската наклонетост и избегнува да одговара за тоа“, порача Асаф.
Локалното бедуинско население во страв чека нови израелски удари. Станува збор за сиромашна популација која нема каде, ниту од што да гради нови куќи.
„Дежураме и подготвени сме да ги браниме своите куќи. Нашите жени и деца се плашат. Активистите кои доаѓаат ни даваат поттик во борбата. Не сме сами, ќе го зачуваме нашето присуство на портите на палестнскиот главен град Ерусалим“, изјави жителот Фајсал ед Дахук.
Успехот на палестинскиот отпор наспроти израелската окупација во голема мерка зависи од реакцијата и одговорот на меѓународната заедница на политиката што ја води Израел.