Lina Altawell
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Израелското Министерство за одбрана соопшти дека нарачало воздухопловна муниција во вредност од над 200 милиони долари од компанијата „Елбит системс“, јавува Анадолу.
Ова стратегиско планирање е дел од подготовките на државата за она што се опишува како „деценија на интензивни безбедносни предизвици“, со цел да се обезбеди континуирано снабдување со оружје без прекини.
Преку соопштение Министерството информираше дека неговата Дирекција за набавки во одбраната нарачала муниција во вредност над 600 милиони шекели (околу 200 милиони долари), произведена од „Елбит системс“.
Ова е со цел „зајакнување на подготвеноста за краткорочни борбени сценарија“ и подготовка за „деценија на интензивни безбедносни предизвици“, наведуваат од Министерството.
Се додава дека производството ќе се одвива во капацитетите на „Елбит системс“ во Израел.
„Продолжуваме да ја зајакнуваме независноста на Израел во вооружувањето“, изјави министерот за одбрана Израел Кац во однос на договорот.
„ИДФ (армијата) мора во секое време да ги има средствата за да дејствува со сила, брзина и без зависност од надворешни страни.“
Израел е вклучен во војни на повеќе фронтови, во Газа, Либан, Иран и Сирија, од октомври 2023 година.
Во моментов Тел Авив го почитува 10-дневниот прекин на огнот со Либан, кој минатата недела го најави американскиот претседател Доналд Трамп.
Исто така, во вторникот Трамп го продолжи прекинот на огнот во американско-израелската војна со Иран, во рамките на напорите за одржување втора рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран за решавање на нивниот конфликт.