АНКАРА (АА) - Израел, кој е обвинет за геноцид, не презема одговорност за смртта на шестгодишното девојче Хинд Раџаб, чие тело беше пронајдено 12 дена по израелскиот напад, заедно со уште пет роднини, јавува Анадолу.
Девојето молеше за помош во нејзиниот последен повик до палестинската Црвена полумесечина, откако израелските сили отворија оган врз возилото во кое се наоѓало.
Израел не презема одговорност за смртта на ова девојче, додека американската администрација само вели дека очекува истрага од Израел.
Палестинската Црвена полумесечина во саботата објави дека телата на малата Хинд, нејзиниот вујко, неговата сопруга и нивните три деца, кои биле во истото возило, биле пронајдени во возило опкружено со тенкови на израелската Армија во близина на Малија во Тел ел-Хева во градот Газа.
Црвената полумесечина претходно изјави дека на 29 јануари им се јавила 15-годишната Лејан Хамаде, која побарала помош бидејќи возилото во кое била со нејзиното семејство било цел на израелски напади.
Тие споделија аудиоснимка на која Лејан бара помош. Се вели дека Лејан починала по телефонскиот повик, а Хинд била заробена во возилото.
Хинд, која беше повредена и заробена во возилото до кое не можеше да се стигне поради опсадата и окупацијата од израелските сили, телефонски ја контактирала нејзината мајка на која ѝ рекла: „Мамо, Лејан е мртва. Сите се мртви, дојди и земи ме, не сакам да останам овде сама.“
По овој разговор, екипите на Црвената полумесечина тргнале со возило на брза помош да го пронајдат возилото во кое била заробена Хинд, но потоа се губи и контактот со екипата на Црвената полумесечина.
Кога немало информација од брзата помош, која тргнала да го спаси девојчето, екипите на Црвената полумесечина контактирале телефонски.
Црвената полумесечина објави снимка од разговорот.
Од објавените гласовни снимки се слуша дека шестгодишното девојче е единственото преживеано во автомобилот и дека се крие од израелските сили меѓу телата на неговите роднини.
Девојчето, кое било заробено во возилото и опкружено со починати роднини, три часа преку телефон ги молело екипите на Црвената полумесечина да ја спасат.
Последните зборови на шестгодишното девојче додека разговарало со член на Црвената полумесечина беа: „Ќе дојдете ли по мене? Многу се плашам, пратете некој да ме спаси.“
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека со денови немало вести од тимот на Црвената полумесечина, кој тргна да ги спасува Хинд и нејзините роднини на 4 февруари.
Телата се пронајдени 12 дена по првиот повик.
Возилото во кое се наоѓале Хинд и нејзините роднини било пронајдено со скршено ветробранско стакло и командна табла и дупки од куршуми.
Палестинската Црвена полумесечина објави дека Хинд била пронајдена меѓу шест тела во автомобилот и дека сите имале прострелни рани.
Утврдено е и дека било бомбардирано и амбулантното возило на палестинската Црвена полумесечина, кое било испратено на местото на настанот.
Палестинската Црвена полумесечина претходно соопшти дека во возилото ги пронашле телата на Јусуф Зејно и Ахмед Медхун, членови на тимот на Црвената полумесечина.
„Хинд сведочеше на моментот кога израелските војници го убија нејзиното семејство. Беше заробена со пет тела во автомобил. Шестгодишното девојче три часа чекаше помош од нашите тимови. Врескаше, беше исплашена“, изјави за Анадолу портпаролот на палестинската Црвена полумесечина, Небал Фарсах.
Според неговите зборови, таа цело време молела некој да дојде по неа бидејќи израелските тенкови го опколиле возилото.
Фарсах изјави дека израелската Армија ја спречила палестинската Црвена полумесечина да стигне до возилото во кое се наоѓала Хинд.
„Беа потребни повеќе од три часа за да се координира безбедниот пристап за нашиот тим. Брзата помош беше директно и намерно гаѓана иако беше постигната координација откако пристигна на местото на настанот“, рече Фарсах.
Во одговор на прашање од новинарот на АА, портпаролот на американскиот Стејт департмент изјави дека ја повикале израелската страна на итна истрага во врска со овој случај.
Во соопштението се истакнува дека од израелските власти е побарано итно да го истражат инцидентот.
„Очекуваме да ги видиме наодите, вклучително и соодветни мерки за одговорност што треба да се преземат, веднаш штом ќе бидат подготвени“, се вели во соопштението.
Подоцна, на прес-конференцијата што ја одржа портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, новинарот на АА повторно го постави ова прашање.
Тој рече дека постојат докази дека бомбардираното амбулантно возило содржело оружје од американско производство.
На ова Милер рече: „Бевме растажени за смртта на Хинд Раџаб. Го замоливме Израел веднаш да го истражи овој инцидент.“
Запрашан дали имаат нешто да кажат за оружјето произведено во САД на терен, Милер рече: „Не можам да го потврдам тоа.“
По повикот на САД за истрага, израелската Армија соопшти дека започнала првична истрага за ова прашање, но дека не може да даде дополнителни информации.