Alperen Aktaş
22 Март 2024•Ажурирај: 23 Март 2024
КУДС (АА) - Состанокот на Воениот кабинет на Израел, закажан за синоќа, неочекувано беше откажан, при што неименувани владини претставници сугерираат дека премиерот Бенјамин Нетанјаху избегнува притисок околу договорот за размена на затвореници со Хамас, објавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Израелскиот Канал 12 ги цитираше официјалните лица дека Нетанјаху чека „конкретни“ одговори од палестинската група во врска со потенцијалните параметри на договорот пред да го претстави пред Кабинетот.
Нетанјаху се соочува со критики од израелската јавност и политичарите, вклучително и членовите на Воениот кабинет, поради тоа што Израелци сè уште се држат како заложници во Газа по нападите на Хамас на 7 октомври и затоа што нема остварлив пат за нивно безбедно враќање. Некои го обвинуваат дека го попречува договорот за нивно ослободување поради „политички калкулации“.
Канал 12 забележа дека членовите на Воениот кабинет, изненадени од неочекуваното откажување на дискусиите, побарале појаснување. Тие беа информирани дека дискусиите ќе продолжат по еврејскиот празник Пурим, кој оваа година започнува во сабота навечер и ќе трае до понеделник во Кудс (Ерусалим).
Неименуван функционер во Владата го критикуваше потегот, велејќи за Канал 12 дека има клучни одлуки на агендата на Воениот кабинет.
Официјалниот претставник го опиша откажувањето на сесијата за дискусија на Воениот кабинет како „невидена непромисленост“.
Продолжуваат индиректните преговори во Доха, Катар, меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар и Египет и со учество на САД, со цел да се постигне прекин на огнот и договор за размена на затворениците во услови на тековната војна на Израел против Газа од 7 октомври 2023 година.
Според палестински официјални извори, Израел држи најмалку 9.100 Палестинци во своите затвори, додека точниот број на израелски затвореници што ги држи Хамас во Газа останува непознат, а затворениците се распределени меѓу различни фракции во енклавата.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во Газа се убиени речиси 32.000 Палестинци, главно жени и деца, а околу 74.200 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни работи.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Со привремената пресуда во јануари му се нареди на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да гарантираат дека ќе се обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.