Betül Yılmaz
24 Април 2025•Ажурирај: 28 Април 2025
ГАЗА / ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската Армија денес ослободи 12 палестински затвореници, меѓу кои и две жени, од Појасот Газа, изјавија очевидци, јавува Анадолу.
Ослободените затвореници се префрлени со возила на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во болницата „Ал Акса“ во градот Деир ал-Балах на медицински прегледи, додадоа тие.
Од Канцеларијата за медиуми на затворениците го потврдија ослободувањето на 12-те приведени, без да наведат детали за нивната здравствена состојба.
Над 9.500 Палестинци се затворени во израелските затвори, со голем број извештаи за тортура, глад и медицинско запоставување што доведе до смрт на затворениците.
Нема точни податоци за бројот на жители на Газа кои ги држи Израел, но проценките покажуваат дека нивниот број е илјадници.
Израелската Армија ја продолжи својата смртоносна офанзива на Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби речиси 2.000 Палестинци, а рани над 5.200, прекршувајќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.