свет

Пакистан: Секој обид на Индија да ја прекине или пренасочи водата ќе се смета за акт на војна

„Пакистан категорично ја отфрла индиската одлука да го стави во мирување Договорот за водите на Инд“

Riyaz Khaliq Khaliq, Islam Uddin  | 24.04.2025 - Обновена : 24.04.2025
Пакистан: Секој обид на Индија да ја прекине или пренасочи водата ќе се смета за акт на војна

Исламабад

Пакистан утринава остро предупреди дека секој индиски обид да ја прекине или пренасочи водата според Договорот за води на Инд од 1960 година ќе се смета за акт на војна, по еден ден откако Њу Делхи соопшти дека го суспендира договорот по смртоносниот напад во спорниот регион Кашмир, при што загинаа 26 лица, јавува Анадолу.

По состанокот на Националниот совет за безбедност во Исламабад, пакистанските власти најавија реципрочни мерки, меѓу кои суспензија на Договорот од Симла во 1972 година, моментално затворање на граничниот премин Вагах – единствениот легален премин меѓу двете земји – како и целосно затворање на воздушниот простор за индиски авиокомпании.

Исламабад ја суспендираше целата трговија со Индија, вклучително и трговијата преку трети земји преку пакистанска територија, и го прекина издавањето визи според режимот за ослободување од виза на Јужноазиската асоцијација за регионална соработка (СААРК).

„Пакистан категорично ја отфрла индиската одлука да го стави во мирување Договорот за водите на Инд“, се наведува во официјалното соопштение од Исламабад.

„Договорот е меѓународно обврзувачки документ посредуван од Светската банка и не содржи клаузула за еднострана суспензија. Водата е витален национален интерес на Пакистан, животна артерија за 240 милиони луѓе, и нејзината достапност ќе биде обезбедена по секоја цена. Секој обид да се прекине или пренасочи протокот на вода што му припаѓа на Пакистан, според Договорот, ќе се смета за акт на војна и ќе се одговори со полна сила низ целиот спектар на национална моќ“, стои во соопштението.

Пакистан исто така соопшти дека ќе ги преиспита сите билатерални договори со Индија, вклучително, но не ограничено на Договорот од Симла, сè додека Индија не престане со, како што се наведува, „поттикнување тероризам во Пакистан, транснационални убиства и непочитување на меѓународното право и резолуциите на ОН за Кашмир“.

Дополнително, Пакистан ги протера воените советници од индиската дипломатска мисија во Исламабад.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın