свет

Израел ослободи 90 палестински затвореници според договорот за прекин на огнот во Газа

Палестинците се собраа во гратчето Бејтунија, во близина на Рамала, на окупираниот Западен Брег за да им посакаат добредојде

Esra Tekin  | 20.01.2025 - Обновена : 20.01.2025
Израел ослободи 90 палестински затвореници според договорот за прекин на огнот во Газа

РАМАЛА (АА) - Израел рано утрово ослободи 90 палестински затвореници од воениот затвор „Офер“ на окупираниот Западен Брег, во рамките на договорот за размена на затвореници со Хамас, јавува Анадолу.

Палестинците се собраа во гратчето Бејтунија, во близина на Рамала, на окупираниот Западен Брег за да им посакаат добредојде.

Израелските војници интервенираа со фрлање солзавец и звучни бомби наизменично кон толпата, која запали оган за да се загрее поради студот.

Како што се приближуваше времето кон 1 часот по полноќ, голем број израелски воени џипови и булдожери извршија рација во Бејтунија.

Откако испукаа солзавец и звучни бомби, израелските воени џипови почнаа да ги бркаат Палестинците од подрачјето.

Набргу по рацијата во Бејтунија, автобус со палестински затвореници под заштита на Меѓународниот комитет на Црвениот крст излезе од воениот затвор „Офер“.

Од Бејтунија продолжи кон плоштадот „Манара“ во Рамала, каде што ќе бидат предадени палестинските затвореници.

- Исчезната притвореничка предизвика доцнење -

Канцеларијата за медиуми на палестинските затвореници објави соопштение во кое се наведува дека при увидот на имињата на ослободените затвореници било откриено дека исчезнала една притвореничка.

Како резултат на тоа, техничките тимови комуницираа со посредниците и со Црвениот крст за да извршат притисок врз израелските сили да се придржуваат до договорената листа на затвореници.

Набргу потоа, притворените можеа да го продолжат своето патување.

Израелскиот „Канал 12“ подоцна објави дека проблемот е решен и дека притворените заминале.

Меѓу ослободените 90 палестински затвореници 69 беа жени, осум машки малолетници и 12 мажи осудени за релативно помали прекршоци.

Израелските медиуми објавија дека 78 од Палестинците ослободени од воениот затвор „Офер“ се од окупираниот Западен Брег, додека 12 од окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс).

Палестинците се собраа во Бејтунија и од ридот со поглед на воениот затвор „Офер“ го чекаа конвојот со ослободени палестински затвореници да почне да се движи.

Активноста пред затворот само ја зголеми возбудата кај толпата која чекаше.

Освен тоа, израелската Армија со дронови пушти солзавец кон Палестинците кои чекаа во близина на затворот за ослободување на затворениците.

Портпаролот на израелската војска, Авичај Адраи, ги предупреди Палестинците да не учествуваат во никакви маршеви или прослави за време или по процесот на ослободување на затворениците, заканувајќи се со интервенција доколку го сторат тоа.

Според договорот меѓу Израел и палестинската група Хамас, 90 палестински затвореници беа ослободени во замена за три израелски затворенички кои беа ослободени претходниот ден.

Военото крило на Хамас, Бригадите Изеддин ал-Касам, синоќа ги предаде трите израелски затворенички на тимот на Црвениот крст, со што се одбележа првата фаза од договорот за прекин на огнот и размена на затвореници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.