Jeyhun Aliyev
30 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
БЕЈРУТ (АА) - Израелската армија отвори оган врз село во јужниот дел на Либан, јавува либанската државна Национална новинска агенција (NNA), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Израелските сили пукаа во правец на селото Кфаркела во јужен Либан“, соопшти ННА.
Не е дадена ниту официјална изјава во врска со инциденот од страна на Либан и Израел.
Либанскиот министер за надворешни работи, Насиф Хити, изјави дека Владата во понеделникот одлучила да поднесе официјална жалба до Советот за безбедност на ОН за израелскиот напад врз јужен Либан истиот ден, на 27 јули.
Израелската армија во понеделникот објави соопштение дека извршила бомбашки напад врз пограничниот град Кафр Шуба, поради „безбедносен инцидент“.
Во него се вели дека трупите „спречиле обид за инфилтрација на Хезболах“ во областа Џабал Рос.
Хезболах, сепак, го негираше тврдењето, велејќи дека немало судир или пукање од нејзина страна во настаните што се случиле на јужната граница во Либан.
Израелската армија продолжува да биде во состојба на готовност на северната граница на земјата во очекување на одмазднички напад врз либанската организација Хезболах.
Хезболах вети дека ќе одговори на убиството на еден нејзин член во воздушниот напад за кого се верува дека го извршил Израел, на локација во близина на сирискиот главен град Дамаск.
Во текот на изминатите денови, Израелската армија вети дека ќе распореди воени засилувања на границата со Либан.