Mohammad Sıo
22 Август 2025•Ажурирај: 24 Август 2025
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) - Израел ja разгледува можностa за намалување на снабдувањето со вода во северна Газа, а наедно и за поправка на цевководите на југ, како подготовка за протерувањето на Палестинците од градот Газа, како дел од поширокиот план за окупирање на енклавата, соопшти јавниот радиодифузен сервис на земјата КАН, јавува Анадолу.
Според информациите, Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху планира ограничување на водата за северниот дел на Газа, додека работи на поправка на два директни цевковода во јужна Газа.
Овој потег доаѓа во време кога Израел се соочува со обвинувања за користење на жедта како оружје во неговиот геноцид во Газа, заедно со гладот и ограничувањата за испорака на хуманитарна помош.
Од јануари годинава Израел ја прекина испораката на вода од државната компанија за вода „Мекорот“ – еден од последните главни извори за енклавата, соопшти Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа.
На 9 март израелската армија ја пресече и последната електрична линија што ја снабдуваше централната фабрика за десалинизација јужно од Деир ал-Балах, со што беше запрено производството на вода за пиење во големи размери и продлабочување на кризата.
Во средата министерот за одбрана Израел Кац одобри нов воен план наречен „Операција Гидеонови кочии 2“ за заземање на Газа и покрај тековните посреднички напори и прифаќањето на предлогот за прекин на огнот од страна на Хамас.
Кабинетот за безбедност на Израел претходно овој месец го одобри фазниот план на Нетанјаху за преземање на целата енклава.
Првата фаза предвидува заземање на Газа со раселување на околу еден милион жители кон југ, опколување на градот и изведување воени упади во станбените населби.
Во втората фаза е предвидена окупација на бегалските кампови во централна Газа, а голем број од нив веќе има масовно уништување.
Според планот, над 800.000 Палестинци би биле преместени во таканаречени „хуманитарни зони“ на југот, каде што треба да бидат изградени засолништа, теренски болници и водоводна инфраструктура. Се очекува подготовките да бидат завршени за околу три недели.
Од октомври 2023 година Израел има убиено над 62.100 Палестинци во Газа. Воената кампања ја опустоши енклавата, предизвикувајќи недостиг од храна и смртни случаи поради глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.