Esat Fırat
29 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) – Општината Ерусалим, која е поврзана со администрацијата на Израел, урна палестинска куќа во окупираниот Источен Ерусалим, тврдејќи дека нема „дозвола“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според локалните извори, еднокатна куќа која му припаѓа на Палестинецот Халид ел-Фехам, во населбата Ес-Суване, во Источен Ерусалим, е урната од страна на израелските општински екипи.
Израелската полиција ја опколи куќата пред да биде урната, и не дозволи никој да се доближи во околината. Екипите на Општината ја срамнија куќата со земја.
Од друга страна, израелската полиција во Источен Ерусалим, во населбата Исевије, го натера Палестинецот Луеј Фехми Абид со свои раце да ја урне неговата куќа што е во фаза на изградба, со образложение дека нема дозвола за градба.
Канцеларијата за координација на хуманитарната помош при ОН (OCHA) соопшти дека израелската администрација минатата година урнала 177 палестински куќи во окупираниот Источен Ерусалим.
Според Центарот за истражување и документација „Абдула Хаварани“, поврзан со Палестинската ослободителна организација, израелските власти во 2018 година урнале 538 палестински куќи и разни објекти во Источен Ерусалим и Западниот Брег.
- Уривањата на Израел во Источен Ерусалим -
Израелските власти, кои создадоа тешкотии за издавање дозволи за градба на Палестинците, уриваат илјадници куќи на Палестинците, со образложение дека немаат „дозвола“ за градба.
Палестинците, истакнувајќи дека израелската општина нема никаква правна основа за уривање на куќите, посочија дека тоа е дел од политиката на Израел за „заплашување и јудаизам“.
Израелската општина честопати ги наплатува трошоците за уривање од луѓето чија куќа е уништена.
Палестински извори соопштија дека од 1967 година над 5.000 палестински куќи во Источен Ерусалим биле урнати од израелските сили.