Ekipa
22 Мај 2021•Ажурирај: 23 Мај 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, изјави дека реконструкцијата на Појасот Газа е условена со постигнување согласност за враќање на војниците исчезнати на палестинска територија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мора да поставиме услов на развојот и реконструкцијата [на Газа] не само со мирот, туку и со враќање на телата на војниците и цивилите кои се држени како заложници во Газа“, рече Ганц во интервју за израелскиот канал КАН.
Во април 2016 година, палестинската група на отпорот Хамас соопшти дека заробила четворица израелски војници не обелоденувајќи ги нивните идентитети, со исклучок на Орон Шаул, израелски војник исчезнат од израелските напади во Газа во 2014 година.
Ганц истакна дека по последните израелски напади врз Газа има шанса за напредок во однос на прашањето за исчезнатите израелски војници.
Министерот за одбрана рече дека Израел ќе ја промени својата политика кон Газа, строго возвраќајќи на ракетите или запаливите балони од приморската територија.
Ганц рече дека високите лидери на Хамас, меѓу кои и шефот на политичкото крило на Хамас во Газа, Јехја Синвар, и командантот на военото крило, Мухамад Деиф, остануваат цели за Израел.
Вчера стапи на сила прекинот на огнот помеѓу палестинските групи на отпорот и Израел постигнат со посредство на Египет, со што се стави крај на 11-дневните интензивни напади на Израел.
Според последните податоци на палестинското Министерство за здравство, во израелските напади врз Појасот Газа животот го загубија 279 Палестинци, меѓу кои 69 деца и 40 жени, додека 1.910 лица се повредени.
Дванаесет Израелци загинаа од ракетите лансирани од Појасот Газа.