Enes Canlı
07 Април 2023•Ажурирај: 08 Април 2023
ГАЗА (АА) – Израелската војска синоќа соопшти дека започнала воздушни напади врз Газа, пренесува Анадолу.
Како што јави репортерот на Анадолу, експлозии одекнале во средишниот дел на блокираниот појас Газа, а изведени се најмалку шест напади на израелските сили.
Претходно вчера израелската војска соопшти и дека најмалку 30 ракети биле истрелани од Јужен Либан кон Израел.
Израелската војска истакна дека нејзиниот систем за воздушна одбрана „Железна купола“ пресретнал 15 ракети истрелани од Либан кон северен Израел.
Војската додаде дека поради ракетните напади го затворила својот воздушен простор за цивилни летови на северот на земјата.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху е редовно информиран за безбедносните случувања и ќе изврши процена на ситуацијата со шефовите на безбедносните институции“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Нетанјаху.
Засега ниту една група во Либан не ја презеде одговорноста за истрелувањето на ракетите.
Претходно либанските медиуми објавија дека израелската војска со артилерија го гаѓала јужниот дел на Либан.
Веста за нападот е објавена на интернет-страницата на телевизијата „Ал Мајадин“, која е блиска до движењето Хезболах во Либан.
Тензиите уследија откако израелските сили веќе две ноќи по ред упаѓаат во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и насилно ги оддалечуваат палестинските верници од комплексот.