Ikrame Imane Kouachi
06 Декември 2024•Ажурирај: 09 Декември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелската армија денес објави почеток на воени вежби во јужниот дел на Голанската Висорамнина и во северниот дел на Јорданската Долина, јавува Анадолу.
Израелската армија соопшти: „Во следните часови ќе започне воена вежба во две одделни области, во северниот дел на Јорданската Долина и во јужниот дел на Голанската Висорамнина, како дел од напорите за подобрување на подготвеноста.“
Израелската армија не ги откри причините за одржувањето на ненадејната воена вежба.
Во меѓувреме, Израелската јавна радиодифузна корпорација објави дека израелските власти се загрижени поради можноста сириските опозициски сили да напредуваат кон Голанската Висорамнина.
Во соопштението се вели дека синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одржал состанок на кој било разговарано за ова прашање, со зголемена загриженост дека вооружените групи би можеле да стигнат на југ кон израелската граница во подрачјето на Голанската Висорамнина.
Израелската армија синоќа соопшти дека министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот, Херзи Халеви, одржале состанок со високи воени претставници на која се проценувала ситуацијата во врска со случувањата во Сирија.
Армијата истакна дека „го следи развојот и подготвена e за сите сценарија, офанзивно и одбранбено“, додавајќи дека нема да дозволи закани во близина на сириско-либанската граница и ќе спречи какви било потенцијални ризици за Израел.
Израел, кој на север се граничи со Сирија, е загрижен поради запленувањето оружје од страна на опозициските сили за кое стравува дека подоцна може да се користи против израелската војска.
Од 27 ноември сириските опозициски фракции се во судир со режимските сили во неколку региони.
Антирежимските сили ја презедоа контролата врз провинцијата Идлиб на север и поголемиот дел од провинцијата Алепо, а вчера ја освоија Хама во Централна Сирија по интензивните судири што траат со денови.