Ikrame Imane Kouachi
28 Септември 2024•Ажурирај: 29 Септември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелската армија денес објави дека од синоќа извела воздушни напади врз над 140 локации на Хезболах во Либан, вклучително и платформи за лансирање ракети и стратешко оружје што и припаѓа на организацијата, пренесува Анадол
„Продолжуваме со нападите врз позиции на Хезболах на либанска територија. Од синоќа израелската армија изведе напади врз повеќе од 140 локации на организацијата“, се вели во денешното соопштението на израелската армија.
Меѓу локациите биле и платформи за лансирање ракети на Хезболах, како и згради во кои се чува оружје, се тврди во соопштението.
„Покрај овие напади, гаѓано е и стратешкото оружје на Хезболах, локации за производство на оружје и друга воена инфраструктура, од кои некои лоцирани под станбени згради во подрачјето на Бејрут“, тврди армијата.
Претходно денес, израелската армија соопшти дека лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, бил „ликвидиран“ за време на операцијата врз централната команда на Хезболах лоцирана под станбена зграда во јужните предградија на Бејрут.
Израел започна напади врз Либан од понеделникот утрото во кои загинаа повеќе од 700 лица, а речиси 2.200 се повредени, објави либанското Министерство за здравство.
Министерството, исто така, соопшти дека бројот на загинати во Либан од октомври минатата година изнесува 1.540, а над 77.000 се раселени од јужните и источните делови на земјата.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската офанзива врз Појасот Газа, во кој загинаа речиси 41.500 жртви, главно жени и деца.
Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста за претворање на конфликтот во Газа во регионална војна.