Ikrame Imane Kouachi
28 Септември 2024•Ажурирај: 29 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Хезболах денес соопшти дека истрелал плотун ракети Фади-3 кон израелската воздухопловна база Рамат-Давид, лоцирана југоисточно од Хаифа, пренесува Анадолу.
Во соопштението, Хезболах го наведе нападот како дел од својот тековен одговор на израелската воена офанзива во Либан и Газа.
Израелската армија потврди дека детектирала лансирање на околу пет ракети од јужен Либан кон областа на заливот Хаифа и централна Галилеја.
Според официјалното соопштение, некои од ракетите биле пресретнати од израелските системи за противвоздушна одбрана. Засега нема информации за причинета штета или жртви од нападот.
Хезболах, исто така, тврди дека истрелал над 50 ракети врз населби во Мецува и Маалот во северен Израел.
Израелската армија изврши воздушни напади врз неколку градови во подрачјето на Набатије во јужен Либан.
Либанската новинска агенција јави за жестоки бомбардирања во областа, иако дополнителни детали за степенот на штетата и жртвите не се познати.
Исто така, соопштено е дека има жртви во израелското бомбардирање на неколку згради во градот Ел-Ходр во подрачјето на Баалбек, источен Либан.
Израел изврши и нови воздушни напади врз јужното предградие на Бејрут, јави дописникот на Анадолу.
Израелската армија објави дека во рок од два часа по ракетните напади, нејзините воздухопловни сили бомбардирале десетици наводни локации на Хезболах низ повеќе региони на Либан.
Овие напади, наводно, погодиле локации во долината Бека и неколку области на југот на земјата.
Сирени се слушнаа и во израелските градови Кирјат Ата, Акре, Долна Галилеја и Централна Галилеја, предупредувајќи ги жителите на ракети од Либан.
Армијата ги повика жителите во овие области да бараат засолниште бидејќи тензиите меѓу двете страни продолжуваат да ескалираат.
Израел започна напади врз Либан од понеделникот утрото во кои загинаа повеќе од 700 лица, а речиси 2.200 се повредени, објави либанското Министерство за здравство.
Министерството, исто така, соопшти дека бројот на загинати во Либан од октомври минатата година изнесува 1.540, а над 77.000 се раселени од јужните и источните делови на земјата.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската офанзива врз Појасот Газа, во кој загинаа речиси 41.500 жртви, главно жени и деца.
Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста за претворање на конфликтот во Газа во регионална војна.