Eshat Fırat
06 Јуни 2017•Ажурирај: 06 Јуни 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Полицијата отвори оган за време на нередите што се случија во подрачјето на Кефр Касим, во северниот дел на Израел. Притоа животот го загуби еден Палестинец со израелско државјанство, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на израелската полиција соопшти: „Во подрачјето на Кефр Касим, каде што претежно живее арапско население, настана судир меѓу полицијата и населението. Полицијата со истрели во воздух реагираше на фрлањето камења и молотови коктели. Но, како резултат на пукањето од страна на израелската полиција, беше ранет еден граѓанин, кој откако беше префрлен во болница, им подлегна на повредите“.
Во изјавата не беше откриен идентитетот на починатиот Палестинец, израелски државјанин. Според локални извори, се работи за Палестинец на 20-годишна возраст.
- „Израелската полиција се однесува непријателски кон арапското малцинство“ -
По настанот, за Кефр Касим отпатуваа неколкумина арапски пратеници, членови на израелскиот Парламент.
Претседателот на блокот на заедничката арапска листа во израелскиот Парламент, Авде изјави: „Наместо да се однесува заштитнички, израелската полиција во земјата, кон арапското малцинство се однесува непријателски“.
Пратеникот Тијби рече дека израелската полиција треба да го напушти подрачјето и да ги ослободи сите приведени. „Полицијата, наместо да се занимава со борбата против криминалците, ги напаѓа граѓаните“, додаде тој.
Според податоците на официјалниот израелски центар за статистика, во Израел, чија вкупна популација изнесува 8 милиони жители, повеќе од 1.400.000 лица се Арапи, што претставува 20 отсто од населението во земјата.