Esat Fırat
31 Декември 2021•Ажурирај: 03 Јануари 2022
КУДС
Палестинецот, кого израелските војници го застрелаа поради наводен обид за напад со нож во близина на еврејската населба во градот Селфит во окупираниот Западен Брег, го загуби животот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Палестинец на северот на Западниот Брег загина како последица од отворен оган од страна на окупаторските сили“, се вели во писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство.
Во соопштението се наведува дека Палестинецот кој го загубил животот е Емир Атиф Рајан, жител во областа Каравет Бени Хасан во градот Селфит.
Од друга страна, во писменото соопштение на Израелската армија се нагласува дека Палестинец со нож нападнал цивили и војници кои чекале на автобуската постојка во близина на еврејската населба Ариел на Западниот Брег.
Во соопштението се нагласува дека војниците кои се наоѓале во околината, го „неутрализирале“ Палестинецот, а меѓу Израелците нема повредени.
Израелските сили продолжуваат со своите прекршувања против Палестинците со тврдења како што се „обид за напад со нож“ или „обид за прегазување со возило“.
Организациите за човекови права го обвинуваат Израел за извршување вонсудски егзекуции против Палестинците.