Lina Altawell
24 Јули 2026•Ажурирано: 24 Јули 2026
Израелскиот министер за национална безбедност од крајната десница, Итамар Бен-Гвир, денес повика да се примени деструктивниот воен пристап користен во Беит Ханун во Газа и врз палестинските градови и села на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Градовите и селата на Палестинците од каде се извршуваат напади врз Израелци на Западниот Брег треба да се третираат „како што беше третиран Беит Ханун во Газа“, изјави Бен-Гвир во објава на американската платформа за социјални медиуми Х.
„Ќе побарам израелската Армија да издаде наредби за уништување на домовите“ на Палестинците вклучени во вакви инциденти и на нивните поддржувачи, рече министерот од крајната десница.
„За секој убиен Евреин, непријателот мора да претрпи губење на земја и домови“, додаде Бен-Гвир.
Тој ја даде оваа изјава по инцидентот претходно во текот на денот во кој четири Палестинци беа убиени во нападот на израелските сили и доселеници во градот Тел, југозападно од Наблус на северниот окупиран Западен Брег, според палестинското Министерство за здравство.
Израелските медиуми објавија дека еден доселеник е убиен, а тројца се повредени во пукотница во близина на нелегалната населба Хават Гилад.
Палестинското Министерство за здравство денес соопшти дека 86 Палестинци биле убиени на Западниот Брег од страна на израелските сили и доселеници од почетокот на 2026 година, вклучително и 21 убиени од доселеници.
На окупираниот Западен Брег се забележува ескалација на израелските рации и апсења од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. Според официјалните податоци, во нападите од страна на израелската Армија и доселениците се убиени 1.182 Палестинци, а околу 24.000 се приведени.