Beyza Binnur Dönmez
24 Јули 2026•Ажурирано: 24 Јули 2026
Светската програма за храна (ВФП) при Обединетите нации денес предупреди дека несигурноста во снабдувањето со храна во Газа ќе се влоши доколку не се обезбедат дополнителни средства за одржување на хуманитарната помош, опишувајќи ги неодамнешните подобрувања како „кревки“ и покрај знаците дека итната помош помогнала да се ублажи гладот, јавува Анадолу.
„Ситуацијата ќе се влоши“, изјави Рос Смит, директор за подготвеност за вонредни ситуации и одговор во ВФП, одговарајќи на новинарско прашање за време на брифингот на ОН во Женева.
Смит посочи дека последниот извештај на глобалниот систем за следење на гладот, Интегрирана класификација на фазите на безбедност на храната (ИПЦ), покажал дека бројот на луѓе со акутна несигурност во храната е намален од 1,6 на 1,4 милиони, што претставува подобрување од околу 10 %.
„Но, клучно е овие наоди да се разберат правилно. Ова не е приказна за закрепнување, туку приказна дека хуманитарната помош функционира“, рече тој, додавајќи: „Тоа не значи дека нашата работа е завршена, ниту пак, значи дека луѓето во Газа повеќе не се во опасност.“
Тој нагласи дека повеќе од 200.000 луѓе сè уште се во фаза 4 на ИПЦ (вонредна состојба), особено во областите близу до она што тој го опиша како „жолта линија“ и „портокалова линија“.
„Ако не добиеме дополнителна поддршка и бидеме принудени да ја намалиме помошта, хуманитарната состојба дополнително ќе се влоши“, изјави Смит, додавајќи дека новите проекции ќе зависат од развојот на настаните во наредните месеци.
Тој истакна дека недостигот на средства сега станал „најголемата закана“ за безбедноста на храната во Газа, надминувајќи ги ограничувањата во врска со хуманитарниот пристап.
Според Смит, на ВФП ѝ се потребни повеќе од 420 милиони долари за да ги одржи операциите низ Газа и окупираниот Западен Брег до крајот на годината.
„Агенцијата веќе започна со намалување на помошта, па така овој месец ги намали паричните трансфери за 25 % и ги преполови снабдувањата со храна за 220.000 домаќинства“, додаде тој.
„Без дополнителни средства, ВФП ќе мора да изврши 'многу значајни кратења' на својата помош до октомври“, предупреди Смит.
„Многу е поисплатливо – и финансиски и хуманитарно – да се спречи враќањето кон гладот и минатогодишната состојба, отколку повторно да се обидуваме да ги спасуваме семејствата откако ќе западнат во таква состојба“, истакна тој.
Според Смит, на ВФП ѝ се потребни повеќе од 420 милиони долари за да ги одржи операциите низ Газа и окупираниот Западен Брег до крајот на годината.
Се предвидува дека околу 1,4 милиони луѓе во Газа ќе се соочат со „високи нивоа на акутна несигурност во храната“ до декември 2026 година, што е зголемување во споредба со 1,2 милиони во периодот од средината на април до јуни, и покрај подобрувањата поттикнати од хуманитарната помош, стои во новата анализа на ИПЦ објавена вчера.
Во извештајот се наведува дека зголемената хуманитарна помош по прекинот на огнот во октомври 2025 година помогнала да се подобри безбедноста на храната и исхраната, при што помошта во храна стигнала до околу 1,49 милиони луѓе во мај.
Сепак, се предупредува дека оброците остануваат недоволни, средствата за живот се уништени, а 83 % од домаќинствата пријавуваат дека немаат извор на приход, поради што повеќето семејства зависат од надворешна помош.
Од ИПЦ предупредија дека неодамнешните подобрувања се „мошне кревки“ бидејќи хуманитарната помош е намалена уште од февруари поради буџетски ограничувања и неизвесност околу работата на меѓународните хуманитарни организации. Исто така, беше предупредено дека без хуманитарна помош во храна, приближно 1,9 милиони луѓе — односно околу 90 % од населението во Газа — ќе се соочат со високи нивоа на акутна несигурност во храната до декември.