Lina Altawell
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека земјата ќе одговори веднаш и со сета сила доколку биде нападната од Иран, порачувајќи „никој не може да ни кажува што да правиме“, пренесува Анадолу.
„Доколку Иран нѐ нападне, ќе реагираме веднаш и ќе возвратиме со сета сила. Никој не може да ни кажува што да правиме, а веќе го докажавме тоа“, изјави Кац во интервју за Канал 14.
„Ги поседуваме сите потребни капацитети и тие постојано се развиваат“, додаде Кац, нагласувајќи дека Израел може „да одговори веднаш или да дејствува подоцна“.
„Никогаш не сме побарале од САД со нас да се борат против Хезболах во Либан, против џихадистичките елементи во Сирија или против Хамас во Газа“, рече Кац. „Сами го правиме тоа.“
„Очекувавме и сè уште очекуваме САД да го поддржат нашето право и да ни обезбедат дипломатскa, а не военa поодршка за дејствување против сите овие непријатели“, додаде тој.
„Во Либан, во Сирија и во Газа нема да се повлечеме од безбедносните зони“, изјави Кац. „Ниту од Сирија, ниту од Газа, ниту од Либан – нема да заминеме оттаму под никакви околности“.
Оваа изјава е дадена по неколку дена откако САД и Иран потпишаа меморандум за разбирање за прекин на борбите на сите фронтови, вклучително и во Либан. Израелските претставници ја критикуваа оваа одлука и ветија дека нема да ги почитуваат одредбите од меморандумот, што предизвика остра реакција од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Венс во вчерашното обраќање од Белата куќа упати жестоки критики до членовите на израелската Влада, кои се спротивставија на меморандумот меѓу Вашингтон и Техеран. „Да бев дел од Кабинетот на израелската Влада, можеби немаше да го напаѓам единствениот моќен сојузник што ми остана каде било во светот“, изјави американскиот потпретседател.
Венс изјави дека одредени членови на израелската Влада „упатиле многу лични напади кон претседателот на Соединетите Американски Држави“.
Посредникот Пакистан официјално објави дека меморандумот стапил на сила, при што Иран треба да започне со повторно отворање на Ормускиот Теснец за поморски сообраќај во замена за укинување на поморската блокада на Техеран од страна на САД.
И покрај тоа што беше соопштено дека договорот меѓу САД и Иран содржи одредби насочени кон прекин на непријателствата во Либан, израелските напади продолжија и по полноќ.
Според најновите официјални податоци, во израелската воена офанзива во Либан, која започна на 2 март, убиени се 3.912 лица, повредени се 11.873, а повеќе од еден милион жители се раселени.
Израел, исто така, го заржува военото присуство во Сирија. И покрај тоа што новата сириска администрација не упатува закани кон Израел, израелските сили спроведуваат воздушни напади во Сирија по падот на режимот на Башар ал-Асад, при што загинаа цивили, а цел на нападите беа воени позиции, опрема и муниција.
Покрај тоа, Израел ги окупира палестинските и либанските територии и одбива да се повлече или да дозволи формирање палестинска држава, како што е предвидено во релевантните резолуции на Обединетите нации (ОН).