Ekipa
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Раководството на израелскиот Парламент (Кнесетот) го одложи за денес најавеното гласање за нацрт-законот за ограничување на езанот во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот во Кнесетот, Месуд Ганајим, за АА изјави дека гласањето за нацрт-законот за забрана на употребата на разгласот на минарињата на џамиите во Израел ќе се одржи на седницата во понеделник, а не денес, како што беше претходно најавено.
Ганајим истакна дека Клубот на арапски претставници од којшто и тој доаѓа и понатаму ќе го застапува ставот против тој нацрт, и додаде дека досега не добил никаква информација за причината за одложување на гласањето за в понеделник.
„Израелските десничари кои го заговараат тој закон го правдаат поради јачината на звукот, но всушност им смета содржината и езанот како таков. Езанот е дел од идентитетот на оваа земја. Им порачуваме на оние на кои им смета езанот да заминат од оваа земја и тоа што подалеку, за да не ги слушаат овие езани”, изјави Џамал Захалка, претставник во Кнесетот од редот на арапското малцинство.
Истакнувајќи дека законската забрана на езанот претставува грубо кршење на човековите права и верски слободи, Захалка изјави дека муслиманите во Израел секако не би ја почитувале таа одлука и доколку Кнесетот ја усвои.
Нацртот предвидуа забрана на користење на разгласот за пуштање на звукот на езанот, а изралеската Влада, како предлагач, тврди дека езаните го нарушуваат мирот и тишината во градот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ја поддржа иницијативата со образложение дека гласниот езан ги вознемирува луѓето.
Оваа иницијатива на израелската Влада наиде на остри реакции од страна на Палестинците, но и од голем број други земји, вклучувајќи ја и Турција.