Mohamed Hedi Abdellaoui,Nur Asena GÜLSOY
30 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
КИГАЛИ (АА) – Отворена е истрага против француските власти, вмешани во геноцидот во Руанда во 1994 година, во којшто животот го загубија над 800.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Јавниот обвинител на Руанда, Ричард Мухумуза, во писмено соопштение изјави дека Националната комисија на Руанда за борба против геноцидот (ЦНЛГ) минатиот понеделник објави извештај во кој се истакнати 22 француски офицери кои одиграле улога во геноцидот.
Мухмуза рече дека со цел да се расветлат овие обвинувања, започната е истрага: „Започна истрагата против 20 француски офицери, кои се наведени во извештајот. Во оваа истрага, можно е да има потреба од помош од други француски официјални, или одговорни лица. Очекуваме искрена соработка со властите од Париз“.
Во извештајот се наведени началникот на Генералштабот во тој период, Жак Ланксад, како и пензионираните генерали, Кристијан Квеснот, Жан-Пјер Хушон и Жан-Клод Лафуркад. Француските високи офицери се обвинети за обучување на оние што го извршија геноцидот, како и за снабдување со оружје.
- Франција ги признава „политичките грешки“ -
Според другите два извештаја на Руанда, објавени во 2008 и во 2010 година, пред периодот на претседателот Жувенал Хабјаримана, кој беше убиен кога Тутсите беа жртви на геноцидот (1990 – 1994), Франција ѝ дала материјална, воена и дипломатска помош на власта на Руанда.
И покрај тоа што Франција се противеше на некои обвинувања од страна на меѓународни набљудувачки институции и властите на Руанда, дека треба да сноси одговорност за геноцидот, во ноември 2007 француските власти признаа дека можно е да е направена „политичка грешка“, која била пречка за превенција на геноцидот или тој да се прекине.
- Извинување од страна на Католичката црква -
Минатата недела, католичката црква во Руанда се извини поради учеството во геноцидот. Во соопштението објавено од страна на католичката конференција на бискупи стои: „Се извинуваме поради сите грешки што ги направи црквата. Се извинуваме во името на сите христијани за сите направени грешки. Жалиме за прекршените заклетви кон Бога од страна на членовите“.
Во соопштението во кое се прифаќа дека членовите на црквата го планирале и помогнале во геноцидот, понатаму се наведува: „Простете поради ширењето на криминалот од омраза во државата. Наместо да покажеме дека сме едно семејство, ние се убивавме едни со други“.
- Заднината на геноцидот -
Според некои информации, на Бриселската конференција од 1890 година, од страна на светските сили, Руанда прво беше дадена под германско владеење, а по Втората светска војна на Белгија.
Населението во државата го сочинуваат 90% од племето Хуту, 9% Тутси, а 1% Пигмеи. Пигмеите дотогаш, и покрај тоа што се различни по својата култура и местото на живеење од другите групи, живееја заедно со останатите, меѓутоа властите на Белгија ги разделија на две групи според нивниот физички изглед, а кон Тутсите започна да се однесува со привилегии.
По Втората светска војна, Руанда ја доби својата независност и на изборите на власт дојде движењето Парменхуту (Движење за слобода – Хуту). Во 1973 година, Хабјаримана преку државен удар ја презеде власта.
Тутсите започнаа да добиваат обуки во други држави со цел да се организираат за враќање во државата. За оваа цел, се формираше Патриотската унија на Руанда, но и покрај тоа што вршеше притисок врз власта на Руанда, немаше резултати. Внатрешната војна траеше од 1990 до 1992 година, а привремено беше прогласен прекин на огнот. Во овој период, екстремните припадници на Хуту, кои сакаа да пронајдат „трајно решение“ за овој проблем, се обидоа да ги спроведат своите одлуки.
Припадниците на Хуту формираа организација под името Интерахамве, ги жигосаа Тутсите и умерените Хути и со соборувањето на претседателскиот авион на Хабјаримана, на 6. април 1994 година, започна геноцидот.
Членовите на Интерхамве, според листата што ја имаа, во период од 100 дена убија над 800 илјади лица, меѓу кои најпрво образованите Тутси и умерените Хуту.
Франција со години е обвинувана дека е нечувствителна кон случувањата, а во 2012 година формираше специјално судство за обвинетите за геноцид, кои беа фатени на француско тло. Поранешниот шеф на разузнавачката служба на Руанда, Паскал Симбикангва беше осуден на 25 години затвор во овој суд.