Muhammed Semiz
19 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
КУДС (АА) - Израелските сили ги фатија последните двајца избегани палестински затвореници по нивното минатонеделно бегство од затвор со високо ниво на обезбедување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелската полиција соопшти дека двајцата Палестинци, Ихам Камамџи и Монадел Инфијат, биле фатени во градот Џенин.
„Куќата во која престојуваа двајцата бегалци беше откриена од разузнавањето на израелската служба за внатрешна безбедност, Шин-Бет, и тие беа уапсени од израелските сили без да покажат отпор“, се додава во соопштението.
Шестмина палестински затвореници избегаа преку тунел од затворот со високо ниво на обезбедување „Гилбоа“, во северен Израел, на 6 септември. Израелските сили успеаја да фатат четворица од нив по голема потрага.
Според набљудувачите, во израелските затвори се наоѓаат околу 4.850 палестински затвореници, меѓу кои 41 жена, 225 деца и 540 административни затвореници.