Ekip
27 Декември 2022•Ажурирај: 28 Декември 2022
РАМАЛА (АА) - Израелските сили оваа година убија повеќе од 220 Палестинци, изјави палестинскиот премиер Мохамад Штајех, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот на Владата во Рамала на Западниот Брег, Штајех рече дека Израел уништил 832 станбени објекти во сопственост на Палестина оваа година.
Тој ја опиша 2022 година како „полна со болка“ за Палестинците, „за време на која повеќе од 220 Палестинци беа убиени од израелски војници, повеќе од 9.000 беа ранети, 6.500 беа затворени, а 832 станбени згради беа урнати“.
Според зборовите на премиерот, стапката на невработеност на окупираниот Западен Брег паднала од 19 на 12,6 отсто, додека во окупираниот Појас Газа останала на 46 отсто.
Штајех изрази надеж дека протокот на меѓународна помош и донации, особено од арапските земји, ќе биде обновен во 2023 година.
Палестинските власти не можеа да исплатат повеќе од 80 отсто од платите во јавниот сектор за изминатата година поради израелските одбитоци од палестинските даночни приходи.