Esat Fırat
11 Октомври 2018•Ажурирај: 12 Октомври 2018
РАМАЛА (АА) - Светското движење за заштита на децата ги обвини израелските безбедносни сили за вршење намерни вооружени напади врз палестинските деца со намера да ги убие или да ги направи инвалиди, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение на палестинскиот огранок на Движењето се наведува дека се документирани нападите на израелските сили врз палестинските малолетници за време на мирните демонстрации на границата меѓу Газа и Израел.
„Доказите потврдуваат дека израелските сили извршувале напади врз децата со јасна намера да ги убијат или да им нанесат трајни последици“, се наведува во соопштението.
Во соопштението, исто така, се наведени осум израелски напади врз палестинските малолетни лица.
Израелските војници со куршум од огнено оружје во главата го погодија 12-годишниот Махмуд ал Савалихи, кој остана без своето лево око.
Ал Савалихи во нападот претрпел и потежок облик на амнезија, а од Светското движење за заштита на децата неговиот случај го наведуваат на прво место.
Движењето повика на процесуирање на сите припадници на израелските безбедносни сили кои се одговорни за нападите врз палестинските деца.