Tarek Chouiref
19 Август 2025•Ажурирај: 20 Август 2025
ХЕБРОН/ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските сили денес урнаа палестински објекти во Хеброн на окупираниот Западен Брег и не интервенираа додека нелегалните доселеници ги спречуваа семејствата да си ја вратат земјата и покрај пресудата на Врховниот суд во нивна корист, јавува Анадолу.
Булдожери влегоа во областа Анаб ал-Кабир, близу градот Ал-Рамадин, и урнаа неколку трговски објекти. Војниците што ја обезбедуваа акцијата фрлаа солзавец врз жителите што се обидоа да се спротивстават, при што многумина се задушуваа, сведочат очевидци.
Областа се наоѓа во таканаречената „Област Ц“, која опфаќа околу 60% од Западниот Брег и е под целосна израелска контрола. Според организациите за човекови права, Палестинците речиси никогаш не добиваат дозволи за градба таму, па уривањата се редовна алатка за раселување.
Во друг дел од Хеброн нелегалните доселеници со поддршка од армијата ги спречија семејствата да се вратат во своите домови во бедуинската заедница Џура ал-Кхаил, близу Саир. Жителите беа протерани минатиот ноември поради повторните напади од доселениците, но во март добија судска одлука што им го гарантира враќањето.
„Наместо да го обезбеди враќањето на семејствата, армијата ја прогласи областа за затворена воена зона и ги заштити нелегалните доселеници што физички ги нападнаа жителите“, изјави градоначалникот на Саир, Муса ал-Фарух.
Овие два инцидента, според Палестинците, ја нагласуваат засилената кампања за узурпација на земја и присилно раселување низ Западниот Брег, што се одвива паралелно со израелската војна во Газа. Од октомври 2023 година убиени се повеќе од 1.000 Палестинци на Западниот Брег од страна на израелските сили и нелегалните доселеници, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Во извештајот на Палестинската комисија против ѕид и населби наведе дека доселениците извршиле 466 напади само во јули, при што биле убиени четири лица и насилно раселени две бедуински заедници со вкупно 50 семејства.
Во јули 2024 година Меѓународниот суд на правдата во советодавно мислење оцени дека израелската окупација на палестинските територии е нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.