Michael Gabriel Hernandez
19 Август 2025•Ажурирај: 20 Август 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека работи на организирање средба меѓу претседателите на Украина и Русија по повеќечасовните разговори во Белата куќа со европските лидери, јавува Анадолу.
Трамп рече дека состаноците поминале „многу добро“ и се разговарало за безбедносни гаранции за Украина, вклучително и обврските што би ги презеле „различни европски земји, во координација со САД“.
„Сите се многу среќни поради можноста за мир меѓу Русија и Украина. На крајот од состаноците го повикав претседателот (Владимир) Путин и започнавме подготовки за средба меѓу претседателот Путин и претседателот (Владимир) Зеленски на локација што ќе биде дополнително одредена“, напиша Трамп на американската социјална мрежа Трут Соушал.
„По таа средба ќе имаме и трилатерална средба – двајцата претседатели и јас. Повторувам, ова беше многу добар, ран чекор за војната што трае речиси четири години. Потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф координираат со Русија и Украина“, додаде тој.
Зеленски одделно за новинарите изјави дека е подготвен да се сретне со Путин во каков било формат и нагласи дека Русија понудила билатерална средба, по која би се вклучил и Трамп. Тој рече дека засега не е одреден датум.
Преговорите за клучните компоненти на можниот договор за крај на војната меѓу Русија и Украина се одвиваа во две рунди и завршија со средба само на лидерите во Овалната соба, по поширок состанок во Источната сала на Белата куќа.
Лидерите разговараа за неколку клучни точки од мировниот договор, меѓу кои безбедносните гаранции за Украина и можните територијални размени меѓу Москва и Киев.
- Руте: Американското учество ќе се разгледува наредните денови
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека официјалните лица не разговарале за членство на Украина во НАТО, но размислуваат за обезбедување гаранции слични на член 5, кој претставува основен столб на колективната одбрана на Алијансата.
Руте рече дека 30 земји, меѓу кои Австралија и Јапонија, работат на развој на безбедносни гаранции за Украина.
„Она што сега го кажаа САД е дека сакаат да бидат дел од ова. Точното значење на американското учество ќе се разгледува наредните денови“, изјави тој за „Фокс њуз“.
Меѓу официјалните лица што присуствуваа на разговорите се британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, италијанската премиерка Џорџа Мелони и финскиот претседател Александар Стуб. На средбата учествуваше и Руте.