Betül Yılmaz
02 Јули 2025•Ажурирај: 02 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелското обвинителство го одобри барањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху за одложување на рочиштата во неговиот судски процес за корупција, планирани за следната недела, поради неговата посета на Вашингтон, јавуваат израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Следната недела Нетанјаху треба да ги посети САД каде што ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и со други високи официјални претставници за да разговараат за војната во Газа, Иран и други регионални прашања.
Според јавниот радиодифузен сервис КАН, премиерот побарал откажување на судските рочишта поради неговата агенда во САД, а обвинителството го прифатило неговото барање.
И оваа недела рочиштата беа откажани од Окружниот суд во Ерусалим по слично барање на премиерот.
Одлуката за одложување следува по повеќекратните повици од претседателот Трамп за откажување на судскиот процес, кој го нарече „лов на вештерки“ за Нетанјаху.
Премиерот се соочува со обвиненија за поткуп, измама и злоупотреба на доверба, кои доколку бидат докажани, може да доведат до затворска казна.
Во јануари започнаа сесиите на испрашување на Нетанјаху поврзани со случаите 1000, 2000 и 4000, кои тој ги негира. Главниот државен обвинител поднесе обвинение за овие случаи кон крајот на ноември 2019 година.
Неговиот судски процес започна на 24 мај 2020 година, со што тој стана прв актуелен израелски премиер што се појавил на суд како обвинет во кривична постапка.
Дополнително, Нетанјаху се соочува и со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Меѓународниот кривичен суд во ноември 2024 година издаде налози за негово апсење и за поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради злосторствата во Газа, каде што од 7 октомври 2023 година досега се убиени над 56.600 лица, најмногу жени и деца.