Ekipa
03 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
ЧАНДИГАР (АА) - Циклонот „Фани“, големата циклонска бура, стигна до копното на индиската држава Одиша во утринските часови, од каде што претходно беа евакуирани повеќе од еден милион луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
„Екстремно суровата циклонска бура „Фани“ денес допре до копното во 09:30 часот по локално време [0400GMT] над брегот на Одиша во близина на Пури. Последните набљудувања покажуваат дека окото на системот целосно се наоѓа на копно“, објави државната метеоролошка служба на Твитер.
Циклонот го преминал брегот на Одиша во близина на хиндускиот свет град Пури, главна туристичка дестинација, во 8:00 - 10:00 часот по локално време, навлегувајќи на копното.
Според метеоролозите, постои голема веројатност циклонот да се движи кон север-североисток и да ослабне во циклонска бура со брзина на ветерот од 90 до 100 километри на час, што ќе опадне до 115 км/ч до утре наутро. Оттука, најверојатно, ќе ги зафати и Западен Бенгал и Бангладеш, но со намалена брзина на ветрот од 60 до 70 километри на час, достигнувајќи максимум до 80 км/ч.
Локалните медиуми објавија дека влијанието на циклонот во крајбрежјето оставило големи површини во градот Пури и други места под вода, поради обилните врнежи од дожд.
Локалните власти се на високо ниво на готовност со тимови за справување со катастрофата распоредени на неколку локации, бидејќи се очекува да бидат погодени 14 окрузи.
Прабат Рањан Мохапрата, висок претставник од Канцеларијата на комесарот за специјална хуманитарна помош на Одиша, за АА изјави дека над еден милион жители биле префрлени на побезбедни локации во државата.
Официјалните лица изјавија дека со користење на систем за алармирање базиран на локацијата, биле испратени над 10 милиони СМС-пораки до луѓе во различни ризични зони, барајќи од нив да преземат мерки на претпазливост и да се префрлат во засолништа.
Според Филип Клоцбах од Државниот универзитет во Колорадо, САД, „Фани“ е најсилниот циклон оваа година во северниот дел на Индискиот Океан, од циклонот „Наргис“ во 2008 година.