Ekipa
11 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Птичјиот грип се прошири во повеќе сојузни држави во Индија, како и во престолнината Њу Делхи, наведоа денес официјални претставници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делхи и Махараштра, со популација поголема од 114 милиони луѓе, се меѓу деветте држави што досега регистрираа присуство на птичји грип, поради што властите мораа да преземат додатни мерки за да го спречат понатамошното ширење.
Од вчера, птичјиот грип е пријавен и во државите Керала, Раџастан, Мадја Прадеш, Хумачал Прадеш, Харјана, Гујарат и Утар Прадеш, но денес тестовите потврдија дека тој вид грип се проширил и во други области.
Илјадници птици се евтанизирани откако е потврдено дека болеста е пронајдена кај патки, врани и диви гуски. Избивањето на грипот сега предивика забуна во индустријата на живина, бидејќи пошироката јавност во многу делови на Индија започна да избегнува пилешко и јајца.
Владата на Индија формираше тимови кои ќе ја следат ситуацијата во погодените делови на земјата.
Д-р Шандел, официјален претставник за сточарство во Махараштра, за АА изјави дека извештаите пратени од градот Парбани го потврдиле присуството на грипот.
„Птичјиот грип е потврден кај примероците од живина“, рече тој, додавајќи дека процесот за исфрлање е во тек.
Тој изјави и дека досега е потврден грип само во едно место.
Во престолнината Њу Делхи, утринава исто така е потврдено присуство на грипот.
„Осум примероци на мртви птици покажаа дека се позитивни на птичји грип“, изјави директорот на Одделот за сточарство, д-р Ракеш Синг, за АА.
Владата на Делхи веќе најави затворање на пазарот за живина „Газипур“ на десет дена како мерка на претпазливост и најави забрана за увоз на живи птици во главниот град.
Исто така, неколку паркови се затворени.
Во северната држава Харјан се регистрирани речиси 400.000 мртви птици во подрачјето на Панчкул, за кои постои сомнеж дека биле заразени со птичји грип.
Во Индија денес се забележани 16.311 нови случаи на коронавирус и 161 смртен случај во изминатите 24 часа.
„Новите смртни случаи поврзани со Ковид-19 се во пад. Помалку од 170 смртни случаи се забележани по 229 дена“, се наведува во соопштението.