Islam Uddin
18 Август 2026•Ажурирано: 18 Август 2026
Индонезија е погодена од континуирана силна сеизмичка активност по земјотресот со магнитуда од 7,7 степени во саботата, при што досега се регистрирани 2.119 последователни потреси, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Индонезиската Агенција за метеорологија, климатологија и геофизика предупреди дека серијата потреси би можеле да продолжат уште три до четири недели, објави „Џакарта глоуб“.
„Последователните потреси биле со магнитуда од 1,3 до 6,2 степени, при што 24 биле со магнитуда над 5 степени, а 70 биле почувствувани од населението“, изјави Виџајанто, директор на Агенцијата за земјотреси и цунами.
Во саботата, земјотрес со магнитуда од 7,7 степени ја погоди Источна Нуса Тенгара, каде што се наоѓа популарниот туристички центар Лабуан Баџо, предизвикувајќи голема материјална штета.
Досега се потврдени 68 загинати, додека 213 лица се повредени, според државната новинска агенција „Антара“.
Во меѓувреме, властите привремено затворија неколку туристички атракции на островот Флорес поради безбедносни проверки, меѓу кои пештерата Рангко во Западен Мангараи, традиционалното село Ваe Ребо во Мангараи и Националниот парк Келимуту во Енде.
Националната агенција за управување со катастрофи вчера соопшти дека повеќе од 12.000 луѓе биле „исплашени од последователните потреси“ и останале раселени во комплексите и селата.
Заедничките тимови известија дека најмалку 914 куќи претрпеле тешки оштетувања, 126 умерени, а 317 полесни оштетувања. Оштетени биле и 93 образовни установи, 36 здравствени установи и 38 владини објекти.
Во меѓувреме, Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар денес извести за одделен земјотрес со магнитуда од 5,8 степени во областа на островите Бату во Северна Суматра, кој Геолошкиот институт на САД го регистрирал дека е со магнитуда од 5,6 степени.