Haydar Karaalp
26 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
БАГДАД (АА) - Со цел формирање Влада во Ирак основан е нов сојуз составен од шиити, сунити, Курди и христијани, без лидерот на движењето Садр, Муктада ал-Садр, и без Туркмените, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Националната мудрост, Фади еш Шамари, кој е во рамките на Шиитската координативна рамка, на својот профил на социјалните мрежи напиша дека Коалицијата за суверенитет и истрајност која ги претставува сунитите, Демократската партија на Курдистан (КДП) и Патриотската унија од Курдистан (ПУК) најавиле формирање на „Алијансата за владеење со државата“, во која е вклучена и коалицијата Бабилијун, која ги претставува христијаните.
Шамари додаде дека страните во оваа коалиција потпишале заеднички политички договор.
Познато е дека кандидат за премиер на оваа коалиција е Мухамед Шија ес-Судани, член на Координативната рамка и поранешен министер за труд.
Во Шиитската координативна рамка, поддржана од Иран, се вклучени Коалицијата „Држава на правото“ и Коалицијата Фатах, Групата Садикун, Коалицијата Национална унија на сили и други шиитски политички групи.
Во коалицијата не учествуваат шиитскиот политички и верски лидер Муктада ал-Садр и Туркмените, кои не се блиски со Иран.
Парламентот, кој не можеше да заседава околу 2 месеци, се очекува оваа недела да се состане и да избере претседател. Новиот претседател ќе му даде мандат на кандидатот за премиер да формира влада.
И покрај тоа што поминаа 11 месеци од парламентарните избори одржани на 10 октомври, во Ирак сè уште не е формирана Влада.