Muhammet Kurşun
07 Јануари 2022•Ажурирај: 08 Јануари 2022
ТЕХЕРАН
Министерот за надворешни работи на Иран, Хусеин Емир Абдулахијан, изјави дека во последните четири месеци во земјата пристигнале повеќе од 800.000 бегалци од Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува дека Абдулахијан остварил телефонски разговор со колешката од Норвешка, Аникен Хуитфелд, со која разговарал за хуманитарните кризи во Авганистан и Јемен, како и за преговорите за нуклеарната програма.
Абдулахијан рече дека со доаѓањето на постудените денови е забележлив поголем прилив на бегалци од Авганистан.
„Дневно на границата со Иран доаѓаат околу 5.000 Авганистанци. Во последните четири месеци во Иран од Авганистан дошле околу 800.000 бегалци. Вложуваме напори да им доставиме помош на овие раселени луѓе во Авганистан“, рече Абдулахијан.
Абдулахијан истакна дека хуманитарната помош што ќе ја испрати Норвешка ќе биде доставена по копнен и воздушен пат до оние на кои им е потребна.
Осврнувајќи се на разговорите за нуклеарната програма во Виена, Австрија, Абдулахијан рече дека текот е генерално добар.
„Доколку спротивната страна целосно се врати на ветувањата од Договорот за нуклеарната програма, ќе се врати и Иран. Западните земји не треба само со зборови да ги изразуваат своите намери, туку и да го вложат својот труд. Конкретни чекори се укинување на санкциите и враќање на Договорот за нуклеарната програма“, рече Абдулахијан.
Норвешката министерка рече дека во јануари во Осло ќе се одржи состанок за хуманитарните кризи во Авганистан и Јемен и го покани Абдулахијан да присуствува.