Ahmed Asmar
31 Јули 2024•Ажурирај: 31 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Иранското Министерство за надворешни работи денес ја потврди смртта на Исмаил Ханије, шефот на Хамас, наведувајќи дека истрагата е во тек, јавува Анадолу.
Насер Канани, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи, изрази сочувство за смртта на Исмаил Ханије до гордата нација на Палестина.
Тој нагласи дека истрагата на надлежните институции на Исламската Република Иран за деталите за овој инцидент е во тек.
„Смртта на братот Исмаил Ханије во Техеран ќе ја зајакне длабоката и нераскинлива врска меѓу Исламската Република Иран и драгата Палестина и движењето на отпорот“, рече Канани.
Во меѓувреме, иранскиот Парламент соопшти дека ќе одржи итна седница по атентатот на Ханије во Техеран.
Во соопштение што го пренесе иранската новинска агенција Мехр, портпаролот на парламентарната Комисија за национална безбедност, Ебрахим Резаи, рече дека Парламентот „ќе одржи седница за овој инцидент со присуство на претставници на институциите и резултатот ќе биде објавен“.
Палестинското движење Хамас потврди дека нивниот лидер е убиен утринава во воздушен напад во Техеран.
Хамас објави дека Израел го извршил нападот во кој е убиен политичкиот лидер на движењето.
Во соопштението се наведува дека Ханије престојувал во Техеран по повод церемонијата за инаугурација на новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан.
Иранската државна телевизија претходно објави дека лидерот на Хамас е убиен во терористички напад врз резиденцијата во која престојувал во иранската престолнина.
Ханије беше избран за шеф на Политичкото биро на Хамас на 6 мај 2017 година, при што го замени Калид Мешал.