Ekipa
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
ТЕХРАН (АА) - Неколку илјади Иранци присуствуваа на погребната поворка на високиот воен генерал Касим Сулејмани и на водачот на ирачката милиција, Ебу-Мехди ал Мухандис во главниот град Техеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сулејмани, командантот на елитните „Сили на Кудс“ на Иранската револуционерна гарда и Ал Мухандис, заменик-водачот на ирачките сили „Хашд ал Шаби“, беа убиени во американски воздушен напад со беспилотно летало пред аеродромот во Багдад во петокот.
Врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, ја предводел молитвата, јави државната новинска агенција ИРНА.

Илјадници присутни извикуваа „Смрт за Америка!“ и „Смрт за Израел!“, и носеа транспаренти барајќи одмазда за Сулејмани.
Телата на Сулејмани и Ал Мухандис беа донесени во Техеран рано утрово заедно со телата на четворица други убиени во американскиот воздушен напад.

Вчера илјадници ожалостени се собраа во неколку ирачки градови.
Убивањето на Сулејмани предизвика драматична ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, кои се на стаклени нозе од одлуката на Трамп, еднострано да ги повлече САД од Договорот за нуклеарна програма.
Иран вети остра одмазда за убиството на генералот во вистинско време и на вистинско место.
Пентагон го обвини Сулејмани за планирањето на нападот врз Американската амбасада во Багдад, како и дека планира да изврши дополнителни напади врз американски дипломати и војници во Ирак и регионот.