Abdullah Aşıran
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
АМСТЕРДАМ (АА) - Во холандската престолнина Амстердам имало обид да се запали средно исламско училиште, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сонер Атасој, директорот на Гимназијата „Корнелиус Хага“, поврзана со Фондацијата за исламско образование во Амстердам (AİEV), за дописникот на АА рече дека синоќа имало обид да се запали училиштето.
Истакнувајќи дека нападот го забележале учениците кои денеска започнале со наставата по зимскиот распуст, Атасој рече дека семејствата и учениците се чувствувале вознемирени од нападот.
„Кога изутрина дојдовме во училиштето, прозорците на училницата беа искршени со цигли, а на столот на наставникот беше истурена запалива материја. Меѓу скршените прозорци во училишната градина беше пронајден гас за запалки. Неидентификувано лице се обидело да го запали училиштето“, нагласи Атасој.
Сонер Атасој, исто така рече дека Министерството за образование и Општината, училиштето во јавноста го претставувале како „терористичко училиште“ и дека тоа е причината за нападот.
„И покрај предупредувањата, не се преземени безбедносни мерки во училиштето“, рече Арсој, и додаде: „Искрено, по неколкумесечна пропаганда од страна на државата и Општината, сите го очекувавме овој напад, иако не го прифаќаме. За да се стави крај на проблемите, државата и Општината мора да се откажат од пропагандата за гимназијата и да нѐ прифатат.“
Атасој истакна дека полицијата започнала истрага за инцидентот.
Исламските училишта поврзани со Министерството за образование работат со ист план за настава како и другите училишта.
Овие училишта се познати како образовни институции кои се поврзани со исламскиот идентитет и култура и во практиката придаваат важност на овие вредности.
- Средното училиште „Корнелиус Хага“ -
Во 2011 година, Фондацијата за исламско образование во Амстердам (AİEV) аплицираше за отворање на исламско средно училиште во Амстердам, но апликацијата беше одбиена.
Во август 2017 година, Врховниот управен суд донесе одлука Министерството за образование да даде одобрение за отворање на Гимназијата „Корнелиус Хага“ и нејзино финансирање.
Холандската служба за безбедност и разузнавање (AIVD) тврдеше дека наставниците кои започнале да предаваат во гимназијата, која со настава започна во септември 2019 година, имаат поврзаност со терористички организации.
Инспекцијата на разузнавачки и безбедносни служби (CTIVD) во писменото соопштение од минатиот месец истакна дека обвинението на Холандската служба за безбедност и разузнавање (AIVD) е тешко и дека доказите за наводите не се доволни.