Bilal Güler
29 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
ТЕХЕРАН
Најмалку 796 лица во Иран починаа од последиците на труење со фалсификуван алкохол кој се продава на црниот пазар, а кој, според гласините, штити од коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Членот на одборот на Центарот за наука и истражување за судска медицина, Камбиз Султанинејад, за иранската новинска агенција ИРНА изјави дека од појавата на Ковид-19 во Иран, досега од последиците на труење со фалсификуван алкохол починале 796 лица.
Султанинејад изјави дека најмногу смртни случаи од последиците на труење се забележани во главниот град Техеран, каде што починале 205 лица, додека повеќе од 4 илјади лица од истата причина побарале медицинска помош.
Портпаролот на Министерството за здравство на Иран, Кијануш Џиханпур, на 1 април изјави дека 62 лица од последиците на фалсификуваниот алкохол го изгубиле видот.
По Техеран следуваат покраината Фарс, Хузистан, Елбурц, Источен (ирански) Азербејџан и Ардабил.
Во рамките на операциите кои ги организираа иранските безбедносни сили уапсени се многу произведувачи на фалсификувани алкохолни пијалаци, додека запленети се стотици илјади литри алкохол.
Во Иран бројот на заразени со Ковид-19 достигна до 93.657, додека досега од последиците на вирусот починаа 5.957 лица.