Mahmoud Barakat
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
ТЕХЕРАН
Иран денес предупреди дека ќе започне трета фаза за намалување на своите обврски во рамките на Нуклеарниот договор од 2015 година, доколку не се спроведат мерките ветени од европските страни, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Доколку Европа не преземе практична акција за да го поправи своето повлекување од обврските од Заедничкиот сеопфатен план за акција, Иран ќе ја имплементира третата фаза на решително намалување на обврските“, изјавил портпаролот на Министерството за надворешни работи, Абас Мусави, кој беше цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
Ваквата закана е упатена откако Иран и европските партнери се состанаа вчера во Виена, за да дискутираат за нуклеарниот договор.
Мусави изјави дека вчерашниот состанок бил одржан на барање од Иран и европските земји.
„Европејците не беа среќни со намалувањето на обврските на Иран кон JCPOA. Иран ги критикуваше за нивната неактивност, како и за следењето на водството на САД, како што е апсењето на некои ирански граѓани и нивно испорачување на САД по барање на Вашингтон“, изјави тој.
Иран започна да ги намалува своите обврски во рамките на нуклеарниот договор, како одговор на едностраното повлекување на САД од договорот со Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија и ЕУ.
САД оттогаш започнаа дипломатска и економска кампања за зголемување на притисокот врз Иран за да го принудат повторно да преговара за договорот.
Нуклеарниот договор му овозможува на Иран да ги намали своите обврски во случај на прекршување од другите страни. Техеран сака ЕУ да дејствува поактивно во врска со спроведувањето на својот дел од обврските, велејќи дека ќе се врати на целосна согласност со договорот откако ЕУ ќе ги поништи санкциите на САД.