Muhammet Kurşun
02 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусеви, соопшти дека третиот чекор што ќе го преземе Иран за да ги намали своите обврски кон нуклеарниот договор, ќе биде посилен од претходните, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Мусеви, во својата изјава даде информации за третиот чекор на Иран, што ќе го преземе во четврток за намалување на своите обврски кон нуклеарниот договор.
„Третиот чекор, чие планирање е завршено и подготвено за спроведување, ќе биде посилен од првиот и вториот“, нагласи Мусеви.
Истакнувајќи дека ако се постигнат резултати од дипломатските напори, можно е преземените чекори да бидат вратени назад, Мусеви рече дека средбите на министерот за надворешни работи, Мухамед Џевад Зариф, во Франција и денешната посета на Париз на неговиот помошник, Абас Аракчи, се дипломатските чекори преземени за заштита на нуклеарниот договор.
Тој истакна дека Иран нема да го преземе третиот чекор доколку земјите од Европската Унија ги исполнат своите обврски според нуклеарниот договор.
Иранскиот министер за надворешни работи, Зариф, вчера истакна дека доколку европските земји не ги исполнат своите обврски кон нуклеарниот договор, Иран во четврток ќе го преземе „третиот чекор“, со кој ќе ги намалат своите обврски кон нуклеарниот договор.
Иранскиот претседател, Хасан Рухани, соопшти дека како одговор на санкциите на Соединетите Американски Држави (САД), на 8 мај неговата земја ги намалила обврските кон нуклеарниот договор и им даде на страните од договорот 60 дена да преземат мерки за заштита на интересите на Иран.
Заменик-министерот за надворешни работи, Абас Аракчи, соопшти дека првата фаза од преземените чекори завршила на 7 јули, и дека е започнат вториот чекор, кој ќе трае 60 дена.
Тој, исто така, наведе дека во тој период во нивните нуклеарни активности нема да ја почитуваат количината на збогатувањето на ураниумот, преземена во рамките на договорот, и дека ќе биде преземен третиот чекор ако не се исполнат очекувањата на неговата земја.