Lina Altawell
15 Јануари 2026•Ажурирај: 16 Јануари 2026
ТЕХЕРАН (АА) - Иранското судство денес ги демантираше медиумските извештаи според кои еден маж бил осуден на смрт и егзекутиран поради учество во антивладините протести што во изминатите денови ја зафатија земјата, јавува Анадолу.
Во медиумите беше објавено дека Ерфан Солтани (26) бил приведен и брзо осуден на смрт поради учество во протестите предизвикани од влошената економска состојба во земјата.
Медиумскиот центар на судството, сепак, ги оцени овие наводи како „измислени“. Во соопштението се наведува дека Солтани бил приведен на 10 јануари и обвинет за „здружување и заговор против националната безбедност, како и активности на пропаганда“.
Според судството, тој во моментов се наоѓа во Централниот затвор во Караџ, град во близина на Техеран.
Судските власти појаснија дека, доколку обвиненијата бидат потврдени од Обвинителството и судот донесе правосилна пресуда, предвидената казна според иранскиот закон е затворска казна, бидејќи за овие дела не е предвидена смртна казна.
Претходно, медиумите, повикувајќи се на организацијата „Иран човекови права“, невладина организација со седиште во Норвешка, објавија дека семејството на Солтани било информирано оти тој бил уапсен на 8 јануари во Фардис, западно од Техеран, и осуден на смрт.
Организацијата, повикувајќи се на извор близок до семејството, наведе дека им било кажано оти казната ќе биде извршена в среда.
Протестите, кои избија поради влошената економска состојба, започнаа во Техеран кон крајот на минатиот месец и потоа се проширија и во други градови низ земјата.
Во вторникот, американскиот претседател Доналд Трамп за телевизијата „Си-би-ес“ изјави дека Вашингтон ќе преземе „многу силни мерки“ доколку иранските власти извршат егзекуции на учесници во протестите.
Иранските власти, пак, ги обвинија САД и Израел дека стојат зад, како што ги нарекоа, „немирите“ и „терористичките активности“ во контекст на тековните протести.
Иранските институции сè уште немаат објавено официјални податоци за бројот на жртви и приведени лица. Според проценките на Новинската агенција на активисти за човекови права (ХРАНА), организација со седиште во САД, повеќе од 2.600 лица загинале, меѓу кои и демонстранти и припадници на безбедносните сили.