Bedrudin Brljavac
24 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - На 48. редовна седница на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка (OIC), синоќа во Исламабад, на предлог на Република Турција, едногласно е усвоена Резолуцијата за ситуацијата во Босна и Херцеговина, објави на социјалните мрежи заменик-претседавачката на Советот на министри и министерки за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што истакна, во овој многу важен документ, 57-те земји членки на ОИС ја потврдуваат поддршката за зачувување на единството, територијалниот интегритет, суверенитет и меѓународниот субјективитет на Босна и Херцеговина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници, како и нејзиниот мултиетнички, мултикултурен и мултирелигиски карактер.
Во Резолуцијата се нагласува потребата за сеопфатен процес на реформи со цел зајакнување на европската и евроатлантската ориентација на Босна и Херцеговина.
ОИС ги осудува и ги одбива сите заклучоци на Народното собрание на Република Српска, еден од ентитетите на Босна и Херцеговина, со кои се суспендираат државните закони на територијата на ентитетот на Република Српска во областа на одбраната, безбедноста, фискалната политика, правосудството и нарушувањето на одлуката на Уставниот суд, со кои се поништуваат 26-те години на мировни реформи. Имплементација на реформите се основа за интеграција на Босна и Херцеговина во институциите на Европската Унија. Се нагласува дека таквата политика го нарушува мирот и безбедноста на само во Босна и Херцеговина, туку и во целиот регион на Западен Балкан.
ОИС во усвоената резолуција понатаму предупредува дека непочитувањето на одлуката на високиот претставник со која се забранува негирање на геноцидот, воените злосторства против човештвото, како и величење на осудени воени злосторници, претставува директно загрозување на анексот 4 и анексот 19 од Дејтонскиот мировен договор.
Членовите на ОИС со овој документ изразуваат поддршка на активностите во измената на Изборниот закон во согласност со пресудите на Европскиот суд за човекови права и Уставниот суд на Босна и Херцеговина, според современите европски демократски стандарди.
ОИС го повторува својот повик кон исламскиот свет да продолжи да ги поддржува преживеаните жртви на геноцидот во Сребреница и Меморијалниот центар „Сребреница“ низ економски, образовни и хуманитарни проекти и да ги поддржува семејствата на жртвите во одбележување на 27-годишнината на геноцидот во Сребреница на 11 јули 2022 година, како Ден на жалост.
„Усвоената резолуција претставува силна поддршка на напорите за надминување на моменталната криза во нашата земја, предизвикана со неодговорни политики и антиуставни дејствувања на политичарите. ОИС, како втора најголема меѓународна организација по Обединетите нации, која претставува глас на околу две милијарди муслимани, цврсто застана покрај Босна и Херцеговина и недвосмислено укажа на причините за проблемот во нашата земја. Благодарни сме на сите членки за разбирањето и поддршката, а особено на Република Турција, која ја предложи Резолуцијата“, рече Турковиќ, која денеска се обрати на седницата на ОИС.