Selen Temizer
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Седумгодишното девојче Бана Ел Абед и нејзината мајка Фатима станаа познати откако преку социјалните мрежи испраќаа пораки со коишто известуваа за воздушните напади врз сирискиот град Алепо. Профилот на социјалната мрежа Твитер го отворија пред три месеци, а преку него известуваа за ужасните настани во Алепо, воедно повикувајќи го светот да го прекине крвопролевањето во сирискиот град.
Сепак, од вчера нема никакви информации за девојчето и нејзината мајка. Седумгодишната Бана и нејзината мајка Фатима, којa е професоркa по англиски јазик, имаa околу 200.000 следбеници на заедничкиoт профил, кој вчера беше избришан.
Во последната порака што мајката Фатима ја објави во саботата напиша: „Сега сме сигурни дека војската нѐ фати. Почитуван свету, ќе се видиме некој друг ден“.
Во пораката објавена на 27 ноември, девојчето Бана напишало: „Вечерва немаме куќа. Видов мртви тела и јас бев на работ на смртта“.
На фотографијата со пораката можеше да се види девојчето прекриено со прав. Истиот ден таа побара сите да се молат за нив.
„Во моментов сме изложени на тешки бомбардирања. Се наоѓаме меѓу животот и смртта“, пишува таа. Мајката Фатима неколку часа по нејзината порака напиша: „Во жестоките бомбашки напади загинаа многу луѓе, а ние сме во бегство“.
Во последните денови, Фатма во своите пораки изразуваше загриженост дека ќе биде пронајдена од членовите на сириската армија лојални на претседателот Башар ал-Асад. Нејзината последна порака дека армијата ги пронашла, предизвика загриженост дека мајката и ќерката се убиени.
По исчезнувањето на мајката и ќерката, на социјалната мрежа Твитер под логото „#WhereisBana“, споделени околу 1.000 објави.
Режимските сили и шиитската полиција веќе 20 дена изведуваат напади врз населените места во источниот дел на Алепо, кои се под контрола на опозицијата. Опозицијата претходно контролираше територија од 45 квадратни километри, а сега таа површина изнесува 25 квадратни километри.
Руската страна тврди дека тие не учествуваат во воздушните напади на Алепо. Според податоците од екипите за цивилна заштита, поради тоа што не можеле да ја напуштат областа каде што има конфликт, 35.000 лица во источниот дел на Алепо се наоѓаат на територијата што беше окупирана од страна на војниците и сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ПЈД.
Алепо е втор по големина град во Сирија. Центарот на градот е оддалечен 40 километри од границата со Турција. Западниот дел од градот Алепо е под контрола на режимот, а источниот под контрола на опозицијата.
Податоците од Дирекцијата за здравство во Алепо покажуваат дека жителите веќе 101 ден немаат можност да ги исполнат основните хуманитарни потреби. Веќе три недели во градот не работат болниците, медицинските центри, пекарниците, училиштата...