Burak Bir
03 Септември 2025•Ажурирај: 05 Септември 2025
ЛОНДОН (АА) – Европската Унија (ЕУ) не успева да ја искористи својата геополитичка моќ за Газа, бидејќи земјите членки не се обединети по ова прашање, изјави денес шефицата за надворешна политика на блокот Каја Калас, јавува Анадолу.
Обраќајќи се на годишната конференција на Институтот за безбедносни студии на ЕУ (EUISS) во Брисел, Калас ја истакна економската и дипломатската моќ на ЕУ, но исто така се осврна и на областите каде што ЕУ не може да го искористи своето влијание.
„Пример каде што не ја користиме нашата геополитичка моќ, бидејќи не сме обединети, е Газа“, рече таа.
Калас, исто така, нагласи дека хуманитарната криза во Газа е „фундаментален тест“ за решеноста на Европа да ги брани своите вредности на меѓународно ниво.
„Не успеваме затоа што 27-те земји членки имаат различни ставови“ по ова прашање, рече таа.
Според неа, ЕУ ѝ помогнала на Газа повеќе од кој било друг меѓународен актер, но таа призна дека „не е доволно“ за да се промени ситуацијата на терен.
„Европа може да ја употреби целосната моќ само кога дејствува заедно“, додаде таа.
Израелската Армија започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа во којашто убиени се повеќе од 63.700 Палестинци. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.