İbrahim Hamdi Hacıcaferoğlu,Salih Okuroğlu
27 Август 2024•Ажурирај: 30 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека ќе се намали бројот на привремени странски работници во земјата и ги повика бизнисите да инвестираат во „канадски“ работници, известува Анадолу.
Трудо зборуваше за ова прашање на својот профил на социјалната мрежа X.
Наведувајќи дека ќе се намали бројот на „ниско платените привремени странски работници“ во Канада, Трудо во објавата вели:
„Пазарот на трудот се смени. Сега е време нашите бизниси да инвестираат во канадски работници и во млади луѓе.“
Специјалниот известувач на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), Томоја Обоката, по посетата на Канада, каде што допатува за да се запознае со состојбата на странските работници во земјата, подготви извештај што беше објавен на официјалната веб-страница на Генералното собрание на ОН на 22 јули.
Во извештајот се наведува дека канадската Програма за привремени странски работници служи како „почва за модерно ропство“.
И Канцеларијата на Министерството за вработување, развој на работна сила и официјални јазици на Канада, на 16 август излезе со соопштение во врска со Програмата за привремени странски работници во земјата.
Иако соопштението директно не се повикува на извештајот на ОН, сепак, во него се нагласува дека здравјето и безбедноста на привремените странски работници во земјата е од огромно значење.
Се истакнува дека во рамките на Програмата за привремени странски работници се извршени 2.122 инспекциски надзори, при што е забележано зголемување од 36 % на казните изречени како резултат на инспекциските контроли во однос на претходната година.
Во соопштението се посочува и дека е зголемен бројот на работодавци што се исклучени од оваа програма.