Ekipa
30 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) - Европската унија (ЕУ) и Канада денес во Брисел го потпишаа Сеопфатниот стопански и трговски договор (ЦЕТА), отворајќи го патот кон укинување на царината на речиси сите производи и кон меѓусебна трговија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Договорот го потпишаа канадскиот премиер Џастин Трудо и претседателите на Европскиот совет и Европската комисија, Доналд Туск и Жан Клод Јункер, како и словачкиот премиер Роберт Фицо, чија земја во ова полугодие претседава со Унијата.
За договорот да стапи на сила мора да биде одобрен од 28 земји.
„Тешките работи се тешки, но успеавме да ги решиме”, изјави Трудо, кој одби да даде изјава за медиумите.
Договорот е потпишан по неколкунеделна неизвесност поради противењето што го искажаа властите на белгиската област Валонија. Поради тоа што Валонија не го одобри планираното потпишување на договорот, федералната Влада на Белгија не ги доби потребните овластувања. Тоа резултираше со откажување на потпишувањето на договорот, чии преговори траат неколку години.
Во четвртокот, 27 октомври, неколку регионални белгиски управи се договорија да го одобрат потпишувањето на договорот за трговија меѓу ЕУ и Канада, по што е решено организирање на самитот.
Истовремено, пред зградата на Европскиот совет, околу 250 лица демонстрираа против потпишувањето на договорот. Безбедносните мерки се зајакнати, а околу зградата е поставена жица. Група демонстранти влегоа во зградата на Советот, а припадниците на безбедносните сили приведоа 16 лица.