Sm Najmus Sakib
25 Декември 2025•Ажурирај: 26 Декември 2025
ДАКА (AA) – По 17 години егзил во Велика Британија, кандидатот за премиер на Бангладеш и лидер на Бангладешката националистичка партија (БНП), Тарик Рахман, денес се врати во татковината, јавува Анадолу.
Илјадници поддржувачи на БНП се собраа покрај патиштата што водат кон Меѓународниот аеродром „Хазрат Шахџалал“ во главниот град Дака, за да го поздрават 60-годишниот Рахман, во период кога јужноазиската земја се подготвува за општи избори закажани за февруари следната година.
Тој беше придружуван од членови на семејството, вклучувајќи ја неговата сопруга и ќерка.
Тој е син на поранешната премиерка Кхаледа Зија и убиениот претседател Зиаур Рахман. Во 2008 година ја напушти земјата и замина во Лондон со семејството за медицински третман, по една година откако беше ослободен од затвор во 2007 година, каде што беше задржан по обвиненија, вклучително и за корупција.
Неговата мајка, Халеда Зија, 80, е сè уште во болница во Дака, поради разни заболувања.
По слетувањето на аеродромот, Тарик Рахман, во телефонски разговор, му се заблагодари на шефот на привремената влада, Мухамед Јунус, за преземените подготовки, особено во делот на неговата безбедност и сигурност.
Владата на соборената поранешна премиерка Шеик Хасина, која е во бегство, претходно му изрече на Рахман повеќе затворски казни, меѓу кои и за наводна корупција и перење пари.
Сепак, откако Хасина во август минатата година побегна од Бангладеш во Индија, на врвот на масовните протести против 15-годишното владеење на нејзината партија Авами лига, привремената влада предводена од нобеловецот Јунус го ослободи Рахман од сите обвиненија, со што беше отворен патот за негово враќање во земјата.
Бангладеш треба да одржи избори на 12 февруари, кои беа одложени по падот на Владата на Хасина.
Во пресрет на изборите, генералниот секретар на БНП, Мирза Фахрул Ислам Аламгир, изјави дека Тарик Рахман ќе стане премиер доколку неговата партија победи на изборите.