Ekipa
11 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
БАГДАД (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) во Ирак ќе испратат уште 560 војници, соопшти американскиот секретар за одбрана Ештон Картер, кој денес допатува во ненајавена посета во Багдад, со цел да разговара со ирачките официјални лица за борбата против ДАЕШ и за протерувањето на милитантите од Мосул, кој е под нивна окупација од јуни 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Со тоа бројот на американски војници во Ирак ќе се зголеми на околу 4.550, три месеци откако американскиот претседател Барак Обама го наложи последното испраќање на војници.
„Воениот персонал ќе биде испратен во воздухопловната база Кајара, на околу 64 километри јужно од Мосул, и ќе вклучува инженери, логистички персонал и друго”, изјави Картер.
Тој истакна дека меѓународната воена коалиција на чело со САД ја користи базата Кајара со цел да ѝ помогне на ирачката војска, како што нагласи, во клучниот момент за преземање на контролата врз Мосул.
Картер, повторното заземање на Кајара го нарече стратешка победа, а пред доаѓањето во Багдад изјави дека оваа база ќе биде „средиште од кое ирачките безбедносни сили, ако треба и so наша придружба, ќе го завршат најјужното опкружување на Мосул. Тоа е нејзината стратешка улога и стратешка важност”, изјави Картер.
Ирачките сили во саботата ја ослободија Кајара а ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади ја нарече победата клучна за понатамошното напредување кон Мосул и неговото конечно преземање од ДАЕШ.
Американскиот претседател Барак Обама во април го одобри планот за помош на ирачката војска, но силите на меѓународната коалиција и понатаму не учествуваат во битката за Мосул директно на линиите на фронтот.