НАЈРОБИ (AA) - Илјадници сиромашни селани од источноафриканската држава Кенија кои со свои средства ископуваат злато во рудниците што ги користеле колонијалните сили на почетокот на 1900-тите, се жалат дека сè уште странските компании во регионот заработуваат повеќе пари, јавува Anadolu Agency (AA).
Дел од селаните што живеат во провинцијата Какамега, се во потрага по злато во ископуваните рудници од поранешните колонијални рударски компании, додека другиот дел од селаните, се обидуваат самите да пронајдат злато, копајќи јами.
Кенијците се обидуваат да пронајдат злато копајќи ја повторно земјата во стариот рудник, кој бил користен од страна на британската рударска компанија „Ростерман“ во периодот помеѓу 1930 и 1950 година.

Додека Кенија беше под британско колонијално владеење, компанијата што работеше во регионот околу 20 години, произведуваше 655 илјади тони злато.
Управителот на рудникот, Игнатиус Мбои, изјави за АА дека повторно го ископале стариот рудник на длабочина од околу 15-20 метри, а 50-метарските тунели подолу ги поддржале со дрво.
Мбои истакнува дека карпите од ископаните тунели се пренесуваат горе со кофи, а парчињата од карпите поминуваат низ многу процеси.
- Жените ги распарчуваат карпите -
Поголемиот дел од жените што работат во рудникот ги удираат карпите со чекан додека не ги претворат во камчиња. А потоа камчињата се чуваат во машините за дробење камења, додека да станат песок.

За да најдат златен минерал, жените го мијат песокот во вода со жива.
Суровото злато во сребреста боја се пече на оган додека не се претвори во жолто, така што чистото злато ќе се појави на површината.
- Дневно 30 грама злато -
Мбои истакна дека во нивните среќни денови, дневно извлекуваат 30 грама злато што го продаваат на странските компании за 30 или 40 долари.

Забележувајќи дека Министерството за рударство не донело соодветни регулативи за продавање на златото во земјата, Мбои рече: „Свесни сме дека златото го продаваме евтино, но сепак е важно да имаме место каде што можеме да го продаваме“.
Мбои вели дека рударските активности обезбедуваат нови работни места за селаните што живеат во регионот и дека многу од нив ја подобриле финансиската ситуација, а дека злосторствата како што се кражбите се намалиле.
- Заработуваат 20-30 долари дневно -
Едвард Сукоине, 25-годишен рудар, секојдневно копа од 20 до 25 метри во рудникот во кој работи скоро три години.
Сукоине вели дека добива 3.000 кенијски шилинзи (30 долари) на ден. „Имам 5 деца, и сите учат. Не е лесно под вакви услови да се грижите за нив. И покрај тоа што сум во животна опасност поради мојата работа, сепак за нив, за моето семејство, мора да работам“, рече тој.
И работникот Даглас Киханда ги собира камењата во слив, за да бидат преработени веднаш штом го пронајде златото.
„Зависи од денот, но заработувам во просек 20 долари. Немам никаква работа во селото, попрофитабилно ми е да работам овде“, вели Киханда.

- Селаните не можат да го искористат благодатот од богатата златна почва -
Рударите велат дека повторното појавување на странски компании што изнајмуваат земјиште во регионот за да ископуваат злато, им ги затвори портите од можностите за заработка.
Еманул Митинда (49), кој живее во регионот, рече дека многу од селаните ја изнајмувале својата земја на трагачи на злато по ниски цени, бидејќи немале финансиски средства да бараат злато.
„Знаеме дека има злато под земјата, но немаме моќ да го ископаме. Многу селани ја изнајмуваат нивната земја за 50 долари на рударските компании или на мали претпријатија“, рече таа.
-Најголем профит остваруваат странските компании -
Поранешниот сенатор на регионот, Бони Квалве, изјави дека странските компании немаат соодветна регулаторна рамка за нивните рударски активности и затоа локалните жители не можат да ги искористат златните рудници.
„Кога Парламентот им предложи на локалните жители да имаат корист од 20 отсто од рудникот за злато во регионот, сегашниот претседател на Кенија, Ухуру Кенјата, сакаше да биде 5 отсто, што не е доволно кога ќе се земат предвид парите заработени од големите рударски компании. Странските рударски компании го земаат златото во регионот за многу евтина цена“, вели Квалве.
Квалве истакна дека цената на суровото злато во Кенија е пониска отколку во другите африкански земји. „Зошто цената на суровото злато во Конго е 60 долари, а во Кенија е 40 долари? Зошто ние го продаваме нашето злато евтино?“
Компанијата „Акасија“, во февруари 2017 година откри резерви на злато во Какамега. Тоа се најголемите резерви на злато во Африка, проценети на околу 1,7 милијарди долари, во вредност од 1,3 милиони унци.