Emre Aytekin
07 Декември 2021•Ажурирај: 08 Декември 2021
ПЕКИНГ (АА) - Кина соопшти дека ќе преземе одлучни контрамерки против одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Џао Лиџиен, се осврна на вчерашната изјава на Соединетите Американски Држави дека ќе спроведат дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри што ќе се одржат во Пекинг поради кршење на човековите права во ујгурската автономна област во Кина Ксинџијанг и други региони.
Наведувајќи дека ставот на Вашингтон е против Олимписката повелба, принципот на зачувување на политичката неутралност на спортот и слоганот на Олимпијадата „Сите заедно“, портпаролот Џао рече: „Кина жали и протестира за овој став и ќе преземе решителни контрамерки во овој поглед.“
Џао, не давајќи детали околу контрамерките, рече дека чекорот на бојкотот на САД ја затворил вратата за соработка со Кина на полето на Олимпијадата и создал негативна атмосфера во билатералните односи.
„САД мора да ги разберат страшните последици од своите постапки“, рече Џао.
Опишувајќи ги наводите за геноцид и кршење на човековите права во Ксинџијанг како „лага на векот“, Џао истакна дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да фрлат сенка врз Зимските олимписки игри во Пекинг врз основа на идеолошки предрасуди, лаги и озборувања.
- „На Олимпијадата во центарот на вниманието треба да бидат спортистите“ -
Портпаролот на кинеското МНР потсети дека државните функционери присуствуваат на Олимпијадата на покана на нивните национални олимписки комитети и рече: „Дали американските претставници ќе дојдат на Олимпијадата за да ги поддржат своите спортисти е нивна сопствена одлука.“
Додавајќи дека Олимпијадата не треба да се користи како сцена за политички ставови и манипулации, Џао нагласи: „Во центарот на вниманието треба да бидат спортистите, а не политичарите кои зборуваат за бојкот.“
Говорејќи за можниот бојкот на САД, Џао вчера рече: „Ако Соединетите Американски Држави не сакаат да биде засегнат дијалогот и соработката во некои важни области, треба сериозно да ја сфатат загриженоста на Кина и да престанат да го политизираат спортот и постојано на дневен ред да го носат бојкотот.“