Трамп продолжува со наративот за анексија на Гренланд: „Тоа е потребно за меѓународната безбедност“
„Потребен ни е Гренланд... за меѓународната безбедност. Мораме да го имаме Гренланд“, рече Трамп

Istanbul
Американскиот претседател Доналд Трамп денес го повтори својот наратив за преземање на Гренланд, истакнувајќи дека територијата на Арктикот е суштинска за „меѓународната безбедност“ во услови на руска и кинеска активност во регионот, јавува Анадолу.
„Потребен ни е Гренланд... за меѓународната безбедност. Мораме да го имаме Гренланд“, рече Трамп говорејќи на церемонијата во Овалната соба за новата американска обвинителка на Њу Џерси, Алина Хаба.
Трамп го прошири своето образложение надвор од интересите на САД, тврдејќи дека преземањето на Гренланд ќе биде во корист на „светскиот мир“ и „меѓународната безбедност“.
Американскиот претседател го наведе зголеменото присуство на кинеската и руската морнарица во новоотворените арктички поморски рути кои „водат право во Кина, право во Русија“.
„Во моментов... имате воени бродови насекаде околу Гренланд. Нема да дозволиме да се случи тоа. Не можеме да дозволиме да се случи тоа“, нагласи Трамп. „Или ако се случи тоа, мораме да бидеме заштитнички... не само кон нашата земја, туку и кон светот“, рече тој.
„Не е прашањето ‘дали мислите дека можеме без него”, не можеме“.
Американскиот претседател го отфрли потпирањето на сојузниците за ова прашање: „Не се потпираме на Данска, ниту на кој било друг да се грижи за таа ситуација“.
Откако се врати на функцијата претседател во јануари, Трамп континуирано ја искажува својата намера за преземање на Гренланд „на овој или оној начин“, и покрај постојаното отфрлање од страна на Данска.
На автономната данска територија се наоѓаат стратешки воени инсталации на САД, но таа се спротивстави на американските предлози за територијално преземање од првата понуда на Трамп за купување на островот во 2019 година.
Изјавите на Трамп дојдоа во моментите на посета на потпретседателот Џеј Ди Венс на базата на Американските вселенски сили во Питуфик, на северозападниот брег на Гренланд.
Првично планирана како културна посета предводена од втората дама Уша Венс за набљудување на традиционалните трки со кучиња, маршрутата е ревидирана со фокус на безбедносните прашања по реакциите од официјални лица од Гренланд, Данска и Европската Унија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.